
Прво, има тврдење дека „жените ја напуштаат политиката“, што не е целосно точно. Жените не се повлекуваат од јавниот живот - многу од нив се активни во граѓански организации, локални иницијативи, еколошки движења и општествени кампањи. Она што се менува е нивниот однос кон традиционалната партиска политика, која често ја доживуваат како бавна, конфликтна и затворена за нови идеи.
Една од главните причини поради кои некои жени се откажуваат од политичките функции е начинот на кој ги третираат во јавноста. Политичарките се почесто мета на навреди, закани и онлајн напади, а критиките често се насочени кон нивниот изглед, возраста, семејниот живот или карактерот, наместо кон нивната работа и ставови. Истото однесување кај мажите и жените често се оценува различно - амбициозниот маж може да биде опишан како одлучен лидер, додека амбициозната жена ризикува да биде наречена агресивна или непријатна, плус нели - деца има ли? Ќе раѓа ли? Или мачки ќе чува и ќе се тепа со мужи? Не дека глупите прашања се доволни да одвратат жена што одлучила професионално да се бави со политика, ама замисли ти да сакаш да разговараш за подобрување на условите во образованието, а некој нонстоп да те начекува со „иди раѓај“.
Фактор е и балансот меѓу работата и приватниот живот. Политиката бара постојана достапност, долги работни часови, патувања и работа под голем стрес. Во општества, како нашето, каде што жените сè уште преземаат поголем дел од домашните обврски и грижата за семејството, оваа кариера може да стане особено исцрпувачка. Дури и во општества понапред од нас, истражувањата покажуваат дека жените сѐ уште имаат поголеми обврски надвор од работното место. Сепак, помладите генерации жени не покажуваат нужно помал интерес за општествени промени, но, наместо традиционални политички партии, многу од нив се насочуваат кон активизам, дигитални кампањи, локални проекти и организации каде што можат директно да влијаат врз конкретни проблеми.
Што пак, на прашањето дали жените се откажуваат од политика, сепак на крај му дава - негативен одговор. Историјата покажува дека жените често биле двигатели на големи општествени промени и пред да добијат формална политичка моќ. Борбите за право на глас, образование, здравствени права и еднаквост во голема мера биле предводени од жени кои дејствувале надвор од институциите.