Дали при здрав разум се краде од Луи Витон и Хермес?

Нашата скромна рубрика нема слушнато за брендот Задиг и Волтер, ама Инстаграм кажува дека ич не се вчерашни - скоро милион следачи, а цени често и повисоки од еден Мајкл Корс. 

Мајкл Корс како еден национален џет-сет си го знаете, па според тоа, во случај да се нафурате на Задиг и Волтер, да ве предупредиме со време. Си средиле со инфлуенсери, си направиле кампања за најновата ташна, со монограм ЗВ, ама хардверот, како што ќе посочи Диет Прада, те тера два пати да погледнеш.

Извади го горниот дел на З-то и имаш Л, а со тоа и ЛВ - Луи Витон.

Под такво лого во 2014, колекција пушти Никола Жеские и веднаш упали кај верната публика.

И не им било доста - рачката е комплетно дигната од сличен модел на Хермес.

Плус, проблематични се (читај: тупи) и за односи со јавност. Основачот на брендот Тиери Гилие, во 2012 давал интервју за отворање на луксузен хотел на левиот брег на Париз. И за да објасни колку многу ќе биде ексклузивен, рекол,

„Ќе бираме гости. На пример, нема да примаме кинески туристи.“

Кинезите ветија дека ќе го бојкотираат и хотелот и брендот (сте размислиле ли колкав пазар е Кина?), а и никогаш не се отвори хотел, сѐ уште се тоа само бутик и канцеларии.

Задиг и Волтер, бе. Брендот што своеволно ја изгуби Кина како клиент. Sверови.

1 септември 2020 - 00:13