Да се размисли два пати пред да се објават слики од деца на Фејсбук

Кога се работи за споделување на слики од вашите деца онлајн, има многу непредвидени последици за кои треба да размислите.

Денешните родители познаваат многу деца што никогаш не ги запознале. Колеги од факултет, соработници, поранешни комшии и далечни роднини фрлаат десетици слики од своите деца на социјалните мрежи речиси секој ден и ова се случува толку често, што веќе не го ни забележуваме. Сепак, опасностите од социјалните мрежи демнат.

Иако најчесто не е проблем што многу од 350-те милиони фотографии ставени на Фејсбук се од деца, сепак под површината има нешто важно за разгледување.

Споделување слики од децата ги изложува на светот и ова вклучува делови од светот од кои родителите сигурно би сакале да ги заштитат. Преку технологијата и деталите во фотографиите на кои родителите често не им обрнуваат внимаание, споделените слики ги прават децата лесни за лоцирање. Плус, ризиците одат од засрамување до кражба на идентитет.

Големите технолошки компании имаат многу информации за тоа кој се наоѓа на нашите слики, постојат програми за препознавање на лик кои ни ги препознаваат децата и заради ковид, сакале или не, тие почесто користат технологија.

Кога ќе ја објавите сликата на социјалните мрежи, таа престанува да биде ексклузивно ваша. „Технички, секогаш кога ќе прикачите фотографија на социјална мрежа, таа ги поседува правата да ја користи како што ѝ одговара,“ вели Шејн Шерман, ЦЕО на Техлорис, сајт за техничка поддршка. „Вие ги задржувате правата на фотографијата, но дозволата за користење е на социјалната мрежа чии сервери ја чуваат.“

Можат да ја продадат на огласувачи и да заработат без да им треба нешто од вас. Нивните услови за користење често знаат да кажат дека од моментот кога сликата е прикачена, ги задржуваат правата да ја користат без дозвола. Ова може да биде многу страшна помисла кога ќе ти текне дека немаш поим ни за што може да се искористи, ни од кого.“

Ајде да речеме дека ќе објавите приватна фотографија како правите палачинки со вашето дете пред градинка. Сликата може да се искористи за реклама или маркетинг материјали без да се праша родителот. Многу се мали шансите баш вашата фотографија да се искористи, но секако тоа не е единствената причина за загриженост. Инстаграм има повеќе од милијарда корисници, а Фејсбук уште три пати по толку. Социјалните мрежи ги користат вашите фотографии да научат повеќе за вас, вашите пријатели и семејството.

Гугл и Фејсбук имаат огромни количини информации од слики, мрежи и други интернет активности. Овие податоци можат да се користат за да ве таргетираат за реклами и да се споделуваат со огласувачи, издавачи, девелопери и владини институции.

Активистот за приватност на потрошувачите, Крис Хаук, е загрижен дека родителите не се доволно свесни како споделување на слики од децата ја зголемува шансата за кражба на идентитет во иднина. Еден извештај на Баркли банка од 2018 предупредува на нов бран измами со идентитет поради родители што споделуваат слики од децата премногу слободно. Кога ќе ја споделиш сликата, оставаш трошка трага од лични информации. И како што сме тргнале, без да бидеме свесни ги учиме децата да им биде удобно со предавање на нивното право на приватност.

„На Фејсбук нема приватност,“ вели Пам Ратлеџ, медиумски психолог и директор на Истражувачки центар за медиумска психологија. „Не е битно како ќе го наместите. Треба само еден ‘пријател на пријател‘ да направи скриншот.“

Дигиталните фотографии зборуваат повеќе за вас и вашето семејство отколку што мислите. Поранешен обвинител за сексуални злосторства и малтретирање на деца, Рахел Бајар, забележува дека личните информации по дифолт се вметнати во фотографиите.

„Секоја слика што ќе ја објавите, во зависност од тоа каде ќе ја објавите и како ќе ја пратите, има мета-податоци залепени за неа кои се всушност и трошките информации за она што го има на фотографијата и каде сте ја направиле,“ вели таа. „Мислам дека многу луѓе не разбираат дека овие податоци се чуваат и се викат Exif - exchangeable image format data - и нема да ги снема, освен ако не преземете нешто за да ги отстраните.“

Дури и да избегнувате географски маркери како улични знаци и броеви на куќи, фотографиите чуваат податоци за движењето.

„Секогаш кога ќе направите фотографија од спалната, бањата, дневната или покрај новогодишна елка, во зависност од тоа што правите со сликите, можно е да давате информации не само како ви е уредена куќата, туку и каде се децата и кои хобија ги имаат,“ вели Бајар. „Дали возат велосипеди и ги оставаат во двор? Дали играат безбол таму? Дали пешачат по сладолед?“

Важно е да се запамети дека киднапирањата се многу ретки. Во Америка, на пример, се случуваат околу 300 годишно, и 0.1 процент ги прават непознати (повеќето исчезнати деца се избегани од дома таму).

„Опасноста вашето дете да го грабне предатор се доста ниски,“ вели Ратлеџ. „Но, не ми е гајле дали е во децимали, или мал процент. Тоа е сепак некое дете. И не сакам да биде моето.“

Иако киднапирање или злоставување е кошмарот на сите родители, други помалку драстични последици се појавуваат за детето што на родителите не им паѓаат веднаш на памет. Детето може да се срами или да го малтретираат во школо поради фотографија што ја споделил родителот. Или, како што ќе растат, ќе сакаат да ја надраснат јавната слика за себе и нема да можат. Во еден момент, без да бидеме свесни, почнуваме да го предизвикуваме нивниот социјален идентитет, додека тие сами го формираат. Особено кога влегуваат во пред-тинејџерска и тинејџерска возраст.

Ако сакате да бидете одговорни, пред сè, средете ги подесувањата за приватност на профилите. Ако не ви е доволно, размислете воопшто да не споделувате фотографии од децата онлајн. И што е најважно, разговарајте со нив. Прашајте ги какви фотографии им е удобно да споделат. И почнете со вакви разговори рано. Важно е да имаат удел во начинот на кој ќе се претставуваат.

27 октомври 2022 - 12:19