Да, ова е целулит

На толку славење тела и боди-позитивити, ред е да прославиме и нешто што не пропагира инфаркт, нели?

Закачката е за ова, а инаку, се работи за најновата фотографија на Деми Ловато.

Деми Ловато е од оние пејачки чии песни најверојатно сте ги слушнале на радио, ама не знаете дека е она.

Објави неизменета фотографија од себе на Инстаграм, со акцент баш на целулитот, објаснувајќи им на милионите следачи дека тоа ѝ билo „најголем страв”.

„Сакам ова ново поглавје од мојот живот да ме претставува таква каква што сум, наместо да се обидувам да исполнам нечии туѓи стандарди. Затоа, еве сум, без срам, без страв и горда што имам тело што се изборило со многу работи и ќе продолжи да ме воодушевува кога ќе родам еден ден, се надевам.”

Сликата е од нејзиното патување во Бора Бора. И најозбилно, кога лежиш на плажа на Бора Бора, колку може целулитот да ти биде битен?!

Природно, сликата има над 4 милиони лајкови, а има и фанови што се охрабрија да споделат нешто слично.

Дури има и трогателна изјава од едно девојче, што објавила слика од себе, а Ловато ја споделила:

„Кога видов дека ми ја објави сликата и напиша дека се гордее со мене, само можев да плачам. Таа е толку силна личност и тоа многу ми значеше. Сликата ја имав, ама не ја објавував затоа што многу бев несигурна околу моето тело. Кога Деми ја објави нејзината, се охрабрив и решив и мојата да ја објавам.”

Патем, иако си знаете: целулитот е состојба при која кожата изгледа нерамно и грутчесто. Се јавува кај 90% од жените во одреден дел од животот и често прв се трга на фотошоп, или се внимава да не се види.

Разбирливо е и зошто, ама некогаш здосадува да бидеш на штрек и цело време да го криеш.

И вакви работи се скроз во ред.

А вакви работи, не.

17 септември 2019 - 22:19