Да не ви треба пауза од врската?

Секоја врска има моменти на закачање, стресови за пари, љубоморни периоди или просто - досада. Не значи дека при најмал проблем треба да се бега, ама има и моменти кога човек добива потреба од пауза.

За повеќето парови, тенденцијата е да се тера и покрај сè, да се издржи и во добро и во зло. Или, едноставно бегаш - ако не функционира, ќе се разделите и готово. Сепак, постои ли некоја средина? Можно ли е да се спаси врската ако само се направи пауза од неа?

Ако сте на крстопат и не сте сигурни дали треба да се разделите или да одите заедно напред, „паузата“ вреди да се разгледа.

За разлика од раскинување, пауза значи заеднички договорен период во кој партнерите се одвојуваат за одново да размислат за она што им е важно и да сфатат дали треба да останат заедно. Паузата не треба да биде „на неодредено“. Ако изберете пауза, изберете и датум кога повторно ќе се сретнете да се проверите. Од две до четири недели минимален или ич контакт е добро за почеток, но ако ви треба, може и подолго.

Некои може ќе сакаат овој период да го искористат и за незадолжително гледање со други луѓе (како дејтинг), но експертите велат дека не треба така, бидејќи пред сè, паузата треба да биде време посветено на себе, на сопствените предизвици и личните отворени рани и проценка на местото на партнерот во твојот живот.

Луѓето се одлучуваат на овој чекор бидејќи им дозволува да се фокусираат на проблемот што го имаат без постојаниот товар на разочараниот партнер.

Бонусот може да биде дека ќе видиш колку партнерот ти недостасува. Ако поминале недели и воопшто не го мислиш, можеби е време за раскинување. Од друга страна, ако неговото отсуство ти дава нови идеи како да си го подобриш животот, можеш да ѝ се вратиш на врската со нова посветеност за комуникација, и желба за балансирање на партнерството во однос на сите други должности. Паузата може да биде здрава, и ако е успешна, нуди перспектива и помага да сфатите колку всушност сте си важни.

Знаци дека е време за пауза:

  • Ви прави притисок нешто надворешно, како селење или промена на работно место.
  • Заедно сте сто години, а сте почнале многу мали и ви станало преудобно.
  • Еден од вас, или двајцата имате екстремен стрес неповрзан со врската - може да е болест, или семеен конфликт.

Паузата може да има и негативни страни - осаменост, на пример, а може и кога ќе си се вратите да не се чувствувате исто и да сакате да одите во ист правец - едниот може сака назад, другиот сака надвор. И на крај, можно е едниот да бара пауза, а другиот да не сака, ама да се согласи, што потоа ќе доведе до тивко замерување.

Точно време за колку треба да трае една пауза нема, но за тоа сепак треба да се договорите сами.

Важно е да знаете зошто одите на пауза, јасно да поставите правила, да закажете датум за преговори и во времето што ќе го поминете без партнерот да се фокусирате на себе.

И почитувајте се и бидете љубезни еден кон друг.

23 јули 2024 - 13:19