Родени во почетокот на шеесеттите, слично градени, крупни.
Не се мажеле, немаат деца.
Сепак, ништо од тоа не е гаранција за среќа.
Првата ми е комшика, од станот од карши.
Секогаш сама, како сенка што никогаш не се поместува.
Во еден момент се убедила дека ќе биде со него.
Знаеш, ми вели - Кога тој ќе погледне во камерата, мене срцето ми застанува, како во мене да гледа.
Една моја роднина, исто така осаменички живот, од работата до дома, и така во круг.
Постојано седеше во една продавница, кога и да отидам - таа беше таму.
И нема-нема, па ќе го спомне.
-Некогаш ќе пуштам „Станица Подлугови“, како да сум во тој воз, како да ќе ме однесе, некаде...
Една моја читателка, исто, немаше настап, а да не го спомне:
-Не сум јас будала, знам дека ги има илјадници. Ама јас сум таа што најмногу ја сакаше. Половина од тие песни мене ми ги посвети. Пееше баш за мене.
На секоја од нив ѝ посветил некоја песна, со секоја бил, на секоја ѝ се јавувал.
Не се потсмевав на тоа што го кажуваа, само се прашував каде завршува вистината, а каде почнува фантазијата.
Сите вљубени во идеалниот маж, како тогаш да бидат со некој друг?
Ако не си Чола, ништо не правиме.
И сите три веруваа дека се „онаа вистинската“ за која пее.
Мојата читателка ме убедува дека ѝ посветил 30 до 40 песни и кога и да ја види во публика, само нејзе ѝ пее.
Сите три му останале верни, секоја на свој начин.
Никогаш не сум ги видел со мажи.
Чола им стана оправдување, изговор, пофалба, сè можеле да сместат во тој сон за неостварена љубов, на тенката граница меѓу опсесија и верба.
Една ми раскажуваше дека ѝ доаѓал ноќе, и никој не знае, друга дека ѝ се јавувал кога бил во близина, а третата дека упорно ја барал, но таа го одбивала, со коментар:
-Па, што ако е Чола, не е бог?
Не беа класични фанови што одат на концерти, веројатно од страв да не им се растури илузијата покрај толку други жени.
Сите го чекаа да се јави, или само да се појави еден ден.
Како поминуваат годините, сè повеќе ми личат една на друга.
Како да е тој сонот што ги одржува.
Сите три чекаа, знаеја, сакаа.
Три жени, три сенки, три животи во чекање.
А, можеби чекањето им е и единствена слобода.
Не беа врзани за некој што им бил реален, туку за фантазија.
Можеби тоа ги заробило, а можеби ги ослободило.
Осамени се, но во нив и понатаму има љубов.
Да се појави некаде во нивна близина, потполно би се изгубиле, или би биле лути што не ги препознава, или не реагира.
А, кога зборуваат за него, зборуваат како за член на семејството.
Не се сами, туку се избрани.
Сите се далеку од големи градови, без прилики многу да патуваат. Секогаш истиот круг на луѓе, монотонија на животот.
Не го разликуваат неговиот лик од делата.
Уверени дека ним им се обраќа.
Чола е можеби недостижен, затоа и не може да ги разочара. Другите мажи можат.
Можеби е единствен што ги допрел на подлабоко ниво.
А, можеби и тој има некои негови по кои мечтае, и така во круг.
Додека не дојде, додека не помине.
Дали тој, дали животот.
Којзнае.
А ние?
Кој ни е нам Чола?
И на кого сме му ние Чола?