Будење со совршена коса

Легни си Доли Партон - стани си спремна за на работа.

Фино беше до сега, со скопско лето што истовремено служи како фен ако баш мораш да се избањаш 15 минути пред да излезеш. Деновиве е пријатно, па не е незамисливо да излезеш од дома и да одиш на фризер. Ама, иде ноември. Што значи, иде и декември и јануари, и излегувањето со мокра коса не води кон фризура уште пред да излезеш од паркинг, туку до менингитис. А скроз е напорно човек да посветува време на коса од сабајле пред работа. Околу ова, Џорџ Нортвуд, фризерот на Алиша Викандер има нешто да ви каже.

„Прво, мора да одлучите со каква коса сакате да се разбудите – тоа е тоа што решава што ќе правите пред да си легнете.”

За необавезни, опуштени бранови како на Дерил Хана кога е сирена, треба да ја исушите косата пред да почнете. После, ви треба плетенка пред спиење, што ќе стои до сабајле.

Сабајлето ви треба некаков восок или паста за обликување, и имате фризура.

Ако Кејт Мос (и тоа во млади денови) повеќе ви го прави ќеифот, сушете ја додека не биде 90% сува, па легнете си и што сакате правете. Сабајлето поминете ја со прсти и готови сте. Само внимателно, резултатот многу зависи од тоа каква коса имате. Ако има тенденција да се понаша како уштекана во струја, прескокнете го ова. Освен ако тоа не ви е финта, тогаш терајте.

Легни си Доли Партон, стани си со совршена коса

Ако имате настан на кој сакате косата да ви изгледа како „да не сте правеле ништо посебно”, плус раат да викате „стварно ми е ваква”, одете на фризер ден претходно.

Побарајте темелно фенирање како за Доли Партон, евентуално Кејт Мидлтон ако сте помирољубив тип, и само треба да се преспие. Наредниот ден е секогаш боље – средена коса без да изгледа дека некој претерал со вложување труд.

Најтешкиот изглед за постигнување се мазните бранови како на Вероника Лејк. „За ова, тоа што ќе го направите претходната вечер е круцијално,” вели Нортвуд. „Мора косата да ви е многу мазна и да ја соберете (да ја свртите) во цврста, средена, ниска пунџа. Кога ќе станете, пуштете ја и поминете ја косата со серум (или слично) за да смирите по некое збеснато влакно.

Со оглед на тоа што не сте Вероника Лејк (или некоја од споменатите), веќе втор-трет ден фризурата ќе престане да биде добра. За ова лекот е сув шампон. Само уште една работа:

„Никогаш, никогаш не ја чешлајте косата наутро. Прво ќе ви се направат антени, второ секогаш го имаме елементот на механичко оштетување. Чешлајте со прсти и така ќе отплеткате каде што треба,” завршува Нортвуд.

18 октомври 2017 - 12:33