Против Расел Бренд има неколку сериозни обвинувања - во едно од нив, наводната жртва тврди дека имала врска со Бренд кога имала 16, а тој 30, а потоа сексуално ја нападнал. Бренд одрекува и тврди сите врски му биле со обострана согласност, полицијата не отвора кривична истрага и никој не е уапсен.
Она што сега се доведува до прашање е законот - во Велика Британија, од 1885 година, возраста на која човек може да даде согласност за однос и врска е 16 години. Пред тоа била 13. Ова значи дека било кое лице кое има наполнето 16 години, од било кој пол, или сексуална ориентација, може легално да учествува во сексуални активности. Но, има една добротворна организација, Rape Crisis, која вели:
„Тоа значи дека сексуалните активности се секогаш незаконски ако било кој од партнерите е под 16.“
Значи, важи и ако некој под 16 даде согласност, па дури и ако другиот е на многу блиска возраст - да речеме 15 и 16.
Согласност, или consent значи дека човекот има слобода и капацитет да учествува во сексуална активност - и таа согласност може да биде повлечена пред и за време на сексуалната активност. Во Англија и Велс не се апсат сите - обвинителите одлучуваат дали е во јавен интерес и според Rape Crisis, одредбата постои за да се заштитат децата и младите, а не државата да ги претвори во криминалци, или да им наштети.
Едно дополнување на законот вели и дека не смееш да се впушташ во сексуална активност со лице под 18 години ако си личност од доверба - како наставник, социјален или здравствен работник.
Бренд е инаку обвинет од страна на четири анонимни жени, за силување, сексуален напад и емотивна злоупотреба, но не е пријавен во полиција, туку во Тајмс, Сандеј Тајмс и Чанел 4.
Дискусијата околу промената на законот се базира на тоа дека личност со 16/17 години нема доволно животно искуство или познавање на односи меѓу возрасни за да може да се снајде во врската.