Хекман беше пронајден починат во неговиот дом во Санта Фе, заедно со жена му и кучето. Во моментов случајот е под истрага.
„Опасен беше Џин Хекман. Ама беше многу добар,“ вели Бил Мареј во интервју за Асошиејтед Прес. „И беше многу тежок, сега веќе можеме да кажеме, ама беше цврст човек. Постари, одлични актери не им даваат многу шанса на младите режисери. Многу се строги со нив, а Џин беше многу гаден со Вес. Морав да се вмешувам, да си го бранам другарот.“
Во Ројал Тененбаумс на Вес Андерсон, Хекман ја играше главата на семејството - Ројал О‘Рајли Тененбаум и филмот му помогна на Андерсон да се етаблира како режисер на 32-годишна возраст.
„Еднаш го гледав како дава 25 совршени изведби со актер што сите ги уништи,“ се сеќава Мареј. „Џин ги одглумуваше совршено, другиот актер упропастуваше и си викав, боже господе. Не за џабе сака да ги убие. И потоа одглуми просечно, а другиот актер го погоди конечно и мислам дека Џин за малку ќе го фрлеше од зграда.“
Во шоуто на Дру Баримор рече:
„Сочувствувам со Џин затоа што за него, Вес Андерсон беше некакво дерле, а тој ги има снимено најдобрите американски филмови, па малку беше нервозен. Но, мораше да работи со деца, кучиња, го ставаа во многу тешки ситуации за работа, со многу одговорност, па упорно си викаше Што правам јас овде со овие луѓе? И го гледав и страдав со него, затоа што гледав низ што поминува.“
На прашањето на Баримор дали конечно се помирил откако го видел крајниот резултат, Мареј вели:
„Не беше глуп човек, многу беше паметен. Кога го гледал филмот, сигурно си рекол, баш бев идиот. Вес Андерсон прави одлични филмови, исто и Џин Хекман и кога ќе ги ставиш во иста просторија, што ќе добиеш? Ќе добиеш добар филм.“