Sugar Baby Summit 2017

Бидна и првиот самит на спонзоруши

Или како што му е оригиналниот наслов, Sugar Baby Summit и е од оние настаните кај што сакаш некако да влезеш и да разгледуваш за да видиш – каков е овој нов свет?

Не дека се спонзорушите нова, неоткриена вест, јакото е во тоа што одеднаш се субкултура. Овде имаме фенси хотел во централен Лондон и еден куп убаво дотерани, совршено нашминкани жени со коси како од реклама што за 200 фунти по човек доаѓаат да научат како да го унапредат животниот стил што го избрале.

Има ли некоја голема филозофија во ова? Очигледно да.

Нема само жени. Има и мажи, и стрејт и геј и сите заедно учат како да бидат побезбедни онлајн и како да стигнат до т.н. Светиот грал на спонзорушите – месечен џепарлак кој обично не надминува 3000 фунти, плус никако не смее да се побара апансас на прв дејт.

Имаат и сопствен жаргон. На пример, Спленда се вика маж што не е доволно богат, а сака да биде спонзор (вакви имаме), па на пример Salt (Сол?) е лажен спонзор (и такви имаме).

Уствари, ние имаме толку многу од последниве две категории, што може сме супер кандидати за домаќини. Замислете, Спленда Самит Скопје 2018! Пола ул. Македонија ќе дојде во своите уредни еспадрили и тексас бермуди.

Назад на посимпатичниот дел, овој цел свет има и сопствени правила што не се совпаѓаат баш со нашиве овде. Овие Sugar Babies, на пример, тврдат дека не се работи за сексуална работа. Една вика: „Сексуална работа е кога одиш во хотелска соба и имаш секс со некој, без разлика дали ти се допаѓа или не. Она што ние го правиме е врска, излегување, но со бенефиции. Не мораш ни да стигнеш до секс ако не сакаш.

Сериозно е, бе.

За да се одвојат од сексуални работници, доаѓаат до строги внатрешни правила. Примање кеш на секој состанок, наместо месечен џепарлак на пример, не е во ред. Не е во ред дури ни бакнеж, ни секс на прв дејт, дури и со негодување се гледа на разголување на првиот состанок.

Целта е да се патува, да се има повеќе можности и да се истражува светот околу себе.

Сите се отворени за своите намери. Нивната филозофија е дека сите врски се „трансакциони“, и секогаш има размена (ако сакаш да гледаш телевизија на раат – измиј садови). Така и спонзорските врски не се толку различни, само што наместо да се мењаш со лични карактеристики што му годат на партнерот, спонзорушите ги нудат своите забавни карактери и добар изглед за пари, одмори и поклончиња.

Заклучок: гледајте и учете, кога веќе ви се живее така:

5 јуни 2017 - 10:11