Батали балет, што не пробаш некој курс за Вордпрес?

Британската влада пушти кампања Rethink, Reskill, Reboot, или слободно преведено, „Размисли одново, научи ново и почни од почеток“, што се вадат дека е за сите професии погодени од коронавирусот, а всушност, најбезобразно се однесува на - уметничките.

Постерот прикажува балерина што си ги врзува чевлите, а до нејзе пишува „Следната работа на Фатима може да е во сајбер-индустријата (само таа уште не знае)“.

Креативците ја изразија својата иритираност на социјалните мрежи. Кејтлин Моран праша зошто владата не се пофалила дека има нов „Оддел за уништување надежи и соништа“, еден кастинг директор го нарече „срам“, Розена Алин-Кан ја врами кампањата како напад на различноста: „Не дозволувај никој да ти каже дека не си доволно добар затоа што не се вклопуваш во неговите веќе смислени социјални норми.“

Стенд-ап комичаркта Џени Еклер едноставно им кажа: „Rethink, Reskill, Reboot“? Ма, одјеби, одјеби и одјеби,“ and we think it’s beautiful.

Од една станица за вести се рашири дека на уметниците им е кажано да си бараат нови работи, но станицата наскоро потоа го избриша твитот, па се оправда дека се работи за „луѓе од сите сфери кои, со оглед на рецесијата поради пандемијата мораат да се адаптираат на новите услови.“

А во однос на рекламата со Фатима, балетот е само една од многуте професии претставени во кампањата, но никој не се побуни за пилоти, инженери, продавачи или пекари. А нема ни било каква врска со кризата за вработување што на Британците им трае од 2017.

Лесно е да се сфати зошто уметноста ја добива таа несреќна репутација на повластеност. Кампањата е глупа и демонстрира филистинска индиферентност кон важноста на уметноста и културата, но она што е важно и забележливо се реакциите. И ако продолжи светот како што тргнал, нема да бидат само балерините погодени.

Сепак, излегува дека првата „оправдана“ дрскост на грб ја чувствуваат оние заради кои денот во карантин станува буквално поподнослив. И ако владите на развиените земји кои во мирнодопски услови одвојуваат за своите уметници, први се вртат против нив, што останува за нашава распашана команда?

19 октомври 2020 - 11:31