Аргентина е жариште на радикален моден талент

Постојаната борба на Аргентина со инфлација и невработеност, заедно со недамнешниот подем на увозната „брза мода”, им отежнува на локалните брендови да се вклучат на глобалната модна сцена. А сепак, нови, сјајни креативци, посебно во Буенос Аирес продолжуваат да вадат импресивни колекции со истиот прогресивен жар како омилените дизајнери на Њујорк и Лондон, притоа збогатувајќи ги со духот на Јужна Америка што само ним им припаѓа.

Постои T RNS, кој ги деконструира стереотипите на телото и идентитетот, Dubié, кој предизвикува традиционални вредности за убаво и грдо и Nous Etudions, сериозен учесник во борбата за етичко облекување. Да беа лоцирани во модните метрополи, медиумите сигурно ќе беа оптеретени со нив како што се веќе со големите марки. А сепак, токму тоа што успеваат да вметнат такви динамични и релевантни концепти надвор од индустријата, е тоа што ги прави впечатливи.

Nous Etudions

Nous Etudions штотуку се прошетаа на миланската модна недела како дел од „Новите зелени таленти” на Вог Италија и Yoox. „Најважно ми е мојот бренд да покаже дека постои друг начин на правење облека,” вели мозокот зад брендот, Ромина Кардило, инаку дипломец на Аргентинскиот универзитет за бизнис. „Модата може да биде генератор на промени и може етички да функционира без да повреди ниедно живо суштество.”

Nous Etudions е вегански бренд, што значи кожа и крзно апсолутно никогаш не се користат. Линијата им е составена главно од монохроматски парчиња, големи силуети, совршени кроеви и рачно изработени материјали. „Многу ме интересираат деконструквистичката архитектура и природните текстури - сакам да ја претставам мојата земја со рачно изработен текстил,” вели Кардило за i-D. Со наслов „Капсула”, последната колекција на Кардило е инспирирана од аргентинскиот антарктик.

T RNS

T RNS се раѓа како дизајнерски проект на еден политички освестен автор. „За нас, дизајнот е начин да пренесеме порака,” вели Дамасија Аријас, една третина од тимот зад овој бренд кој за цел има да обезбеди облека неограничена од пол и големина. „Не даваме упатство како се носи нашата облека,” продолжува таа. „Секое парче има различен начин да се носи.” Аријас се запознала со другите две, Мартина Бареиро и Хулиета Омил додека студирале на Универзитетот на Буенос Аирес и го почнале T RNS во август 2017-та. „Веруваме дека иако концептот на унисекс гардероба има за цел да унифицира различни тела, концептот на plurigender гардероба ја опфаќа многубројноста на потенцијалните родови идентитети, плус обрнува внимание на различните типови и големини на тела,” вели Омил.

Од преголеми кошули и корсети, до маици од различни материјали и шорцеви на врзување, парчињата на T RNS можат да се комбинираат, да се доукрасуваат или да се остават такви какви што се. „Сакаме да комбинираме женска ортопедска долна облека со класични машки кошули - мислиме дека мешање на два стереотипни светови создава нешто ново,” објаснува Бареиро, забележувајќи дека аргентинската култура е многу бунтовна кога се работи за физички и сексуални парадигми. „Преку транспарентни материјали и одредени силуети, се обидуваме телото да го направиме протагонист, особено неговите најеротски делови. Една чудна, поинаква и неудобна сексуалност го дефинира нашиот бренд.”

Dubié

После модните студии на Универзитетот на Буенос Аирес, Агустина Дубие се сели во Лондон да студира уметност на Сентрал Сент Мартинс. Иако подоцна работи кај Николас Кирквуд, дизајнерката решава да се врати дома и да ја лансира нејзината колекција во 2012-та. „Морав некако да произведам нешто лично - и мојот град имаше големо влијание. Дубие е хаотично и дисруптивно како и Буенос Аирес,” објаснува таа. Но нејзината колекција не е дисруптивна на очигледен начин. Не се дефинира со светли бои и гласни дезени кои први би ти паднале на памет кога ќе помислиш на главниот град на Аргентина. Всушност, колекцијата е составена од свежи, модерни силуети од типот на преголеми дуксери и коцкасти фустани, а повремено ќе залута некое корисно парче тексас. Сè е чисто и современо, но со нешто искривено на него, за да те натера два пати да погледнеш. Несовршената естетика е намерна.

„Сакам да верувам дека облеката може да ги натера луѓето да размислуваат малку, затоа секогаш кај мене нешто не е како што треба, што може да е тешко за прифаќање,” објаснува Дубие. „Ме интересира како би можела да ги ставам моите идеи во колекција. Многу размислувам за половите и она што луѓето го сметаат за убаво или грдо.” Она што не е ствар на вкус е квалитетот на нејзините парчиња. Се прават од висококвалитетни материјали (луксузна кожа и 100% органски памук), со беспрекорни финеси. „Модната индустрија е презаситена; единствен начин да провалиш внатре е да го правиш она што ти е во ДНК,” вели таа. „Затоа не мислам на аргентинските дизајнери како група - секој од нас си прави нешто свое.”

26 март 2018 - 14:43