Апсурдната забрана на рекламата за еГолф

Фолксваген има нова реклама за еГолф. Ја забранија додека да трепнеш, заради родови стереотипи. Сега ќе можете и сами да процените дали е апсурд или не.

Во рекламата има луѓе што прават и несекојдневни и „ништо посебно” ствари. Кампуваат, седат во вселенска станица, прават сендвич, перат…

Случајните сцени ги поврзува една идеја: кога ќе научиме да се адаптираме, можеме да постигнеме сè.

Симпатично.

Но.

Во целата ситуација има нешто проблематично, како што ќе каже CNN. Британската асоцијација за стандарди во рекламирање ја забранува рекламата затоа што прикажува потенцијално штетни родови стереотипи, повикувајќи се на еден нивни член кој вели:

„Маркетинг комуникациите не смеат да вклучуваат родови стереотипи кои можат да предизвикаат штета или широко распространета навреда.”

Според CNN, три поплаки имало против рекламата, баш од овие причини.

А сега, малку подетално околу содржината:

Спотот покажува маж кој кампува на работ на една карпа, жена која прави сендвич во кујна, неидентификувана личност што пере (иако раката изгледа женствено), астронаути-мажи во вселенска станица, маж со ампутирана нога како прави долг скок и жена како седи на клупа покрај количка за бебе. Намерно или не, точно е дека мажите се прикажани на многу поинаков начин од жените, но како што ќе каже еден коментар под видеото, сцените треба да прикажат вистински животни ситуации, па дали тоа значи дека реалниот живот е стереотипен? Или стереотипите се толку длабоко навлезени во општеството што го имаат изменето реалниот живот на негативен начин?

Сепак, да заклучиме дека во денешнава клима, точно е дека можеа да бидат попаметни и да стават жена кај астронаутите и татко на клупа со бебето… Просто да се запраша човек дали до толку тие огромни компании не можат да најдат човек што ќе ги советува за вакви работи. Да, рекламата и реакциите за нејзе можат да послужат како искуство за други влијателни компании во иднина.

Ама, забрана? Да го нема?

Свашта.

19 август 2019 - 13:32