
Остајте што гледате по салони. Таму има комплетни кујни со шкафчиња до таван, обични кафеави иверки, вообичаени опции како гарнитури обавезно составени од конвенционалните тросед, двосед и фотелја, столна ламба за еден ќош, вазна за друг ќош и најчесто така.
Среќа па, се појавуваат инвентивни мајстори (или увозници), па во комбинација со вашето богато искуство на гледање TLC и Fine Living Network, можат да сковаат или да предложат нешто малку позанимливо.
А вистината е дека, баш и не мора секој ќош да биде исполнет. Некогаш има убавина во едноставното, особено кога тоа едноставно има инфузија од многу јако.
На пример, овој ќош може на некој да му делува глуп, ама на човек излезен од стан што е немрднат од '75-та и тоа како му е раат да гледа во празен ѕид наместо во нешто што бабите го викаат „регал” и порадо гледа во гол паркет, наместо теписон од ѕид до ѕид каде што газел и прадедо му.

Ако не со '70-ти и '80-ти, и ако новото ви е од 2000-та, тогаш многу е можно кујната да ви свети, таква прекриена со сјаен медијапан. А може да биде многу поедноставно, со тоа што ќе се зачини со поп-арт. Дури и тенџерчињана горе придонесуваат сликава да се гледа дека е некаде од интернет, а не од кај некој наш дома.

Тетката во вас ќе си рече „никако црни плочки затоа што има многу бигор во скопската вода”, ама поп-арт ентузијастот вика „па што ако.” Упикајте ѝ се на истата таа тетка со саксиите и ќе биде сè во ред.

И на крај, како што тоа никогаш не бива кај нас, спалната е тука, во дневна. Дали е во ред тоа? Дискутабилно. Дали придонесува кон целиот впечаток? Да.

Особено ако живеете во гарсоњера, како што еднаш веќе пишувавме дека можеби и треба. Кога живееш сам, не е толку страшно сè да ти биде на едно место. Плус, да продолжи таа тенденција да „нема ништо”, а притоа да има сè.
