Ако одбиеш да чуваш внуци, фер ли е да ти забранат да ги гледаш?

Низ цела Велика Британија, на два милиони баби и дедовци им е забрането да комуницираат со внуците.

Понекогаш е без најава и без да згрешат. Родителите одлучуваат дека „нема со никого да ги оставаат децата“, некои се за нешто лути, некои со право - но, резултатот е два милиони баби и дедовци што не смеат да си ги гледаат внуците и ова се смета за еден од најголемите скриени скандали во општеството.

Во некои случаи, родителите се закануваат и со полиција, ако децата добијат картички, или подароци за роденден. Постои и правна битка за промена на законите кои во Велика Британија не им даваат на баби и дедовци автоматско право на контакт со нивните внуци. Засега, можеш да се влечкаш по судови за да добиеш право, ама тоа се инвидидуални процедури што чинат многу.

Толку често се случува ова што веќе постојат групи за поддршка, за да може луѓе во слични ситуации да си ги споделат маките.

Една, конкретно, интервјуирана во Телеграф, вели дека не можеле на ќерка им да ѝ овозможат богатства, но барем ѝ дале безбедно и сигурно детство и воспитување. Ако се праша ќерката (со која се тужеле за право за контакт со внуците), мајка ѝ била нарцисоидна и манипулативна, и околу родителите морала да гази по јајца. Со оглед на тоа што нарцисоидните родители не се познати по прифаќање на другата страна, ова отвора нови проблеми за толкување.

Групите за поддршка, како една во Бристол каде што има 9000 баби и дедовци, не можат да направат ништо посебно како решение, но барем членовите знаат дека постојат и други како нив.

Една од причините е - уцена. Бумерите се често извор на финансии и помош за младите брачни парови и се бараат неразумни нешта од нив. Ако се осмелат да одбијат, можат да добијат затворена врата во иднина.

Една жена вели дека му позајмила речиси 20.000 фунти на нејзиниот возрасен син за да му помогне да купи куќа, каде што живеела и таа на почетокот. Кога се родило второто дете, ја избркале. Кога побарала да ѝ се вратат парите, синот одлучил дека „било подарок“. Некои препишуваат сѐ што имаат, и пак се отсечени.

Постојат кампањи, активисти и адвокати за овие проблеми. Но, како што ќе рече еден од нив, „никому не му е гајле за она што се гледа како куп старци што најверојатно кажале или направиле нешто глупо.“

16 април 2025 - 10:32