Ако баш сакате да знаете - во Рајот нема секс

Така барем вели еден Грег Морс, лик што пишува за сајтот Desiring God (Посакувајќи го Бога?!), кој претходно имаше коментари и за феминистичкото лудило во „Капетан Марвел” и рече дека феминизирани мажи нема да успеат да влезат во Рајот. Преполн мудрости, пре-полн!

Морс вели дека неодамна разговарал со „страстен обожавател на женско друштво”, кој спомнал дека исламското верување за 72-те девици звучи многу привлечно. Што е нели, сосема нормален разговор што луѓе го водат во присуство на новинар за христијански сајт… и скроз е за верување со оглед на тоа што луѓето што многу често имаат секс секогаш зборуваат колку се забавни девици.

Нели.

Како и да е, Морс вели дека нема секс во Рајот - затоа што Господ има некое многу појако изненадување за сите.

„Имам потреба да се потсетам: Сè што е слатко во човечкиот брак со мојот сопатник на земјава, нема да биде изгубено туку трансформирано. Новата длабочина на интимноста што ќе ја имам со мојот Господар - и секој друг светец, вклучувајќи ја и жена ми - ќе ја погледне гасеницата од земски задоволства со милина, но не и копнеж. И ова ги прави бракот и зависноста од сексуална интимност уште послатки.”

Кујзнае жена му што мисли за ова.

„Сега уживаме во слаткото, и додека е така, ни расте вербата во Отецот кој знае како да дава добри - најдобри дарови - на неговите деца. Нашиот рај не нуди сексуално задоволство, но нуди нешто што го прави сексуалното задоволство непотребно.”

По оваа логика, сè што Христијаните кажуваат е беззначајно, затоа што ти можеш да си кажеш дека „има и боље”. (Харфа? Имаме уште појаки инструменти во Рајот. Писоар? Никој не моча во Рајот! Драги луѓе? Во Рајот имаме уште подраги!) Истовремено, ова е суров одговор за сите луѓе што не можат да искусат секс на Земјата поради апстиненција, недоволно можности или инвалидитет.

Но, со оглед на тоа колку конзервативни Христијани сметаат дека сексот е дозволив само во брак, ако целта е да се направи бебе, а во Рајот не се венчаваш, нити раѓаш, одговоров е веројатно единствено нешто што им има смисла.

Е па… Се гледаме во Пеколот?

29 мај 2019 - 22:38