Ајде да разговараме за последнава епизода

Се разбира дека ќе има спојлери. Не читајте ако не сте ја гледале С8Е5.

Еве една сликичка и после нејзе почнуваат спојлерите, значи ако не сте стигнале да гледате - идете си.

Значи.

Да не бидеме како тие што „појако ќе го изведеа тоа”, да се задржиме на стварите што ни ги билдаа осум сезони за на крај да останеме со вилица до земја. Овој пат не толку од јако. Овој пат од недопраено.

Крајно успешно ни го тргнаа столчето пред да седнеме - од навивање за Дрогон во првиот дел од нападот, демек, победивме и ние глупите гледачи, емоцијата полека ти се претвара во разочарување затоа што Денерис решава да го послуша татко и и неговиот лудачки аманет: Burn them all! Ама не разочарување од типот „е зошто сега се разлоши оваа” туку дека - понекогаш и така бива. Победуваш, ама не победуваш.

Она што следи е врхунско претставување на хорорите на една војна (и понова војна дури, ако го сметаш змејот за бомбардирање), и одлично изведени кадри што сепак не успеваат до крај да го спасат криминалот што му го направија на ликот на Џејми Ланистер на пример.

Интернетот е збеснат, патем. Луѓето ги мразат сценаристите. И стварно, бе, што е тоа што те тера да го затвориш Џејми Ланистер со Серси Ланистер во подрум и да ги смачкаат рушевини?

Ај, да го баталиме (а не е за баталување) пророштвото што Серси го знае од мала.

Како да го баталиме градењето на ликот на Џејми Ланистер цели осум сезони (и пет книги) и да бидеме задоволни што наместо да се врати да го оствари пророштвото, отиде да се гушне со сестра му/девојка му? Џејми Ланистер има највпечатлив развој на лик во цела серија, од говно до човек, и како што ќе кажат илјадници на Твитер, со последнава епизода, сето тоа се фрла во ѓубре.

И не беше само тоа проблем. Магично му го уфрлија Еурон Грејџој, зван досадни. Еурон Грејџој е појак во книгите, ама во серијата воопшто не го изградија доволно за да го стават на едно такво битно место како што беше таа досадна тепачка што го тера гледачот да трепка нетрпеливо и да вика „добро, мора ли сега вас да ве гледаме, сме го поминале ова ‘еден на еден’ тепање во втора сезона, аман.”

На интернет се лутат и за Денерис Таргеријан и нејзниот ќорсокак од развој на лик, ама тоа им е малку проблематично тврдење. Тоа што стана Mad Queen (леле, леле, колку сите портали ширум светот едвај чекаа ова да го кажат, па и ние) може да беше само логичен след на сите настани што ги преживеа. Можеби и потајно ја чекавме да изгуби памет, па да си дојде вистинскиот наследник на тронот. И моментите каде што Џон Сноу сфаќа дека „изглеа ја ќе морам” им се меѓу ретките добри моменти во 5-та епизода. Трогателно беше и да се гледа внучето на Нед Старк како се обидува да спаси што може, ама не му успева, заради општиот човечки хаос.

Поточно, излезе дека Варис умре за џабе и дека беше во право, без разлика што се надеваше дека не е.

Што се однесува до 8 сезони чеканата епска борба меѓу The Hound и The Mountain - мех. Ако сме реални, незахвално е да мрчиш, од удобноста на сопствената фотелја, додека некој таму дава грдни пари за снимање ама - гужва беше таму. Можеа на пример, да заштедат на тепачката на плажа и да вложат во нешто друго, ама не е наша работа, добро.

Ботом лајн - знаевме дека оваа битка ќе биде појака од битката со зомби од дубоко и затоа и не ги прифативме мрчењата за трета епизода (кое инаку гласеше, на македонски преведено од МЕМИЊА: „Да бе, нè јачаа толку за борбата со White Walkers за на крај да се борат со пират и трудна кралица?”). Епизодата беше забавна, со многу моменти на занемување и многу сцени што после си бараат возбудена дискусија со хипервентилација.

Тоа на крајот ќе да беше Азор Ахаи, иначе.

Ама, на крај, изгледа ќе мора да се согласиме со твитов:

Вика:

„Ова веројатно беше најлошата епизода што сум ја гледал. Платениците беа апсолутно бескорисни. Клеганбоул беше тапа. Еурон вс. Џејми беше жива глупост. Развојот на ликот на Џејми беше уништен. Мислев дека ќе ја убие Серси и ќе и се врати на Бриен. Пророштвото што го добила Серси како мала отиде у курац. Тоа што Денерис го уништи целиот град само со еден змеј кога имаше толку шкорпии е глупо. Регал го убија премногу лесно. Честито, продуценти. И двајцата со сопствени раце ми ја уништивте Игра на тронови. Сценарио за во ѓубре.”

Останува надежта дека последната епизода ќе биде епски добра и дека ќе излезе дека сите овие (наши) негодувања биле негодувања на размазена публика.

Или, како што кажа Варис, пред да го запалат, „Се надевам дека грешам.”

Веројатно најголемиот успех во моментов е што - сè уште НЕМАМЕ ПОИМА како ќе заврши.

Што значи, браво.

13 мај 2019 - 15:59