Ај малку доста за Александра Грант и дечко ѝ

Помисливте да не е по грешка сликата со Киану и девојка му? Не е. Девојка му се вика Александра Грант. Има име. Луѓето отекоа.

Прво, да, сите во прв момент помисливме дека е Хелен Мирен.

Второ, точно е дека личи постара од реалните години што ги има, ама тоа е затоа што не сме навикнати. Кога јавните личности не би посветувале бескрајно многу време на изгледот и не би се фарбале, главно би изгледале вака (освен Киану).

Трето, и тие што ја напаѓаат и тие што ја бранат - се језиви.

Едните се незадоволни дека „ко мајка да му е”, другите демек ја бранат со „па, што мора да биде лепотица”, без да сфатат дека ја оценуваат по изглед на истиот начин како тие од кои што ја бранат.

Да се олабави малку.

Киану Ривс прв пат се појавува со девојка на јавен настан. Личи ко да е среќен, а прашање е дали пак ќе се појави и дали Грант воопшто ќе прифати било каква покана за јавност. Човек што не сака да игра по холивудски правила, сигурно нема време да се занимава со плиткоста на јавното мислење.

А кога би ја знаеле животната приказна на Киану, веројатно би сфатиле и зошто:

Ја запознава Џенифер Сајм која во 1999-та му раѓа ќерка. Бебето е родено мртво. Сајм подоцна загинува во сообраќајка. Сестрата на Киану, Ким, 10 години се борела со леукемија. Ривер Феникс (кој умре од предозирање) му беше другар. Има зборувано за болката од загуба и нејзината трансформација во сеќавање во кое наоѓа утеха. Има донирано милиони за истражувања за рак. Вели,

„Тагата ја менува формата, но не завршува.”

Тоа што се појавува со партнерка на црвен тепих укажува дека веројатно врската е сериозна.

А тоа што интернетот е преплавен со наслови за „Девојката на Киану”, „Стара е”, „Личи на 60” и слично, само покажува колку сме сите назад со сфаќањата.

Се вика Александра Грант.

Уметник е.

Дечко ѝ е Киану Ривс.

И искрено, коментарот „Па, Киану не е глуп да бара згодна, убава и секси, си сака човекот длабока личност” е понавредлив од „Ко мајка да му е.”

7 ноември 2019 - 17:27