А ова е твојот мозок на ТикТок

Потенцијал за фраза на годината: ТикТок-мозок. Феноменот е турбо верзија на она што претходните генерации го отфрлаа како „недостаток на внимание“. А има врска и со концентрација и со фокус и со квалитет на сон.

Експертот по невронаука, Др. Патрик Портер е основач на апликацијата БреинТап и истражува мозок веќе 30 години, притоа интегрирајќи психологија, ментална добросостојба и технологија на мозочни бранови.

Што е всушност - ТикТок-мозок?

Ако познавате човек што е малку нервозен, не седи на место и концентрацијата му се споредува со колибри, тогаш тој човек може да има ТикТок-мозок. Според Др. Портер, терминот се користи за да се опишат когнитивните и невролошките промени кои се забележуваат кај лица што пречесто ја користат платформата.

„Забележливо се намалува опсегот на внимание, што научниците често го споредуваат со опсег на златна рипка. Се манифестира со зголемена потреба за инстант-гратификација и намалено трпение за задачи што се подолги и покомплексни.“

На ТикТок, мозокот прима многу информации и тоа многу брзо. Ушите примаат аудитивни стимуланси кои се праќаат во мозокот, очите апсорбираат светлинска енергија од екранот и праќаат брзи секвенци на стимуланси во визуелниот кортекс и мозокот пумпа допамин во дел што се вика нуклеус акумбенс како реакција на забавните елементи на секој нов ТикТок. На мозокот му одговара допаминската треска и тоа толку многу, што те тера да му даваш уште (ТикТок) за да го постигне истиот ефект.

А не е само допамин:

  • Епинефрин (адреналин) и норепинефрин (норадреналин): значи на пример - видео од змија - или ти е возбудливо, или провоцира анксиозност
  • Серотонин: кога гледаш пријатно видео
  • Окситоцин: на пример видео од лав што повторно се среќава со човекот што го спасил

Овие процеси можат и да ни помогнат и да ни наштетат. На пример, негативно да влијаат на спиењето, но истовремено можат да ги појачаат шемите поврзани со процесирање на брзи информации и мултитаскинг, иако секое појачување е меч со две острици. Стануваме поостри и поприемчиви, а од друга страна капацитетот за подлабок фокус ни слабее, па оттаму и способноста за побавни когнитивни задачи.

Мозоците на тинејџерите се поранливи на овие негативности. Наспроти ова, мозоците на возрасните се комплетно формирани, па може потешко да ги почувствуваат ефектите.

Промената лежи и во тоа што новото време ја менува самата природа на свеста - за разлика од претходните генерации кои имаа тенденција да чуваат одредени информации во меморијата, новите го третираат мозокот како пребарувач, наместо како систем за чување факти. Самото знаење дека имаат информации кои се чуваат на интернет води до тоа нивните мозоци да бидат поспремни за паметење како да се стигне до информацијата (како да ја најдеш), наместо на одредени детали од информацијата.

Чаре?

Прочитајте некоја книга меѓу ТикТокови, прошетајте се надвор без телефон и поразговарајте со некого во живо повремено.

4 јануари 2024 - 00:00