А кои се тие 100 мажи што имале секс со Лили Филипс?

Стотина мажи се пријавија доброволно да учествуваат во овој настан, а нивните мотиви и позадини остануваат неиспитани.

Дали на пет минути би имале секс со жена што не ја познавате? Во октомври 2024, сто души го направија токму тоа. Некои од нив плаќаа и авионски карти, доаѓаа од други држави, трпеливо чекаа во ред, додека други си ги завршуваа своите пет минути со жена што никогаш претходно не ја виделе.

Лили Филипс, моделот од ОнлиФанс, во документарецот „Спиев со 100 мажи во еден ден“, кој го објави јутјуберот Џош Питерс, е во солзи, видно потресена после сексот со 100 мажи за 24 часа. Кажува дека „ова не е за слаби девојки“, а сепак, два-три дена после тоа, соопшти дека рекордот за 2025 ќе ѝ биде 1000 мажи во еден ден.

Нина Павиќевиќ во текст за Велике приче се сомнева дека е ова само медиумски трик или начин на заработка - приказната на Лили не е само нејзина туку и наша, како што вели - тоа е одраз на културата во која живееме. Поставува важни и сложени прашања: Што всушност значи сексуално оснажување, каде се повлекува границата меѓу сексуална слобода и експлоатација, што донесе, а што ни одзема како општество порнификацијата?

Не е реалистично да се разговара за проституцијата или порнографијата како потенцијално ослободувачки и оснажувачки сфери во социјалниот контекст (патријархален, капиталистички) во кој живееме. Социологот Јелена Ризниќ вели дека ако постојано зборуваме за насилството над жените, за сексуалното насилство и согласноста, тешко е да се гледа проституцијата или порнографијата како нешто ослободувачко затоа што тоа ја негира согласноста на жените.

Ако ја анализираме ситуацијата каде што парите се главен мотиватор - мораме да се запрашаме што навистина останува кога ќе се изземе тој елемент. Ако проституцијата се набљудува како платено силување, тогаш може да се тврди дека порнографијата е само визуелен приказ на тоа платено насилство. Кога ќе се тргне финансискиот аспект, основните проблеми во однос на согласноста и насилството остануваат непроменети.

Дека секс-индустријата не е секс-позитивна потврдува и ПорнХаб, кој под притисок на жртвите на таа платформа и други кои се вклучија во борбата, во 2020 година мораше да избрише 80% од клиповите. Потегот дојде после интензивната кампања под водство на Лејла Микелвејт, претставничка на жртвите на трговија со луѓе. Хаштагот беше #TraffickingHub и разоткри бројни силувања, објавување содржини без дозвола и сексуално злоставување на деца.

Според Ризниќ, проституцијата не е самостоен феномен, туку системски е поврзана со трговијата со луѓе, индустријата за оружје и трговијата со дрога. Каде и да има воена зона, несигурност и економска нестабилност, таму се формира и пазар на проституција, заедно со дрогата и оружјето. Таканаречениот нордиски модел зема предвид дека жените што се бават со проституција влегле во тоа поради разни неприлики и ги штити - ги казнува само „корисниците“.

Во документарецот „Спиев со 100 мажи во еден ден“, Лили Филипс имаше една изјава што помина незабележано. На прашањето дали меѓу нејзините претплатници има луѓе што ги познава, одговори потврдно, наведувајќи дека тоа се често и пријатели на нејзиниот татко.

Порнификацијата на сексуалноста не ги обликува само индустриите на проституција и порнографија, туку и интимните односи, секојдневната интеракција, начинот на кој жените се доживувани и начинот на кој тие се доживуваат самите себе. Кога зборуваме за Лили, не зборуваме само за неа. Зборуваме за секоја жена што се почувствувала недоволно „екстремна“, за притисокот постојано да ги поместуваме сопствените граници, да бидеме доволно сексуално ослободени, ама само во рамките што одговараат на машкиот, патријархален, порнификуван поглед.

А кои се мажите подготвени за ваков чин?

Многумина се прашуваат „како Лили ќе се омажи после ова“, како да е тоа релевантно, а никој не прашува колку мажи, од тие што одлучија да имаат секс со неа - имаат девојки, жени, деца. Сто мажи се пријавија доброволно да учествуваат во овој јавен настан, а нивните мотиви и позадини остануваат неистражени. Некои од нив се дојдени од други држави, некои многу веројатно ги изневериле и ги излажале своите партнерки, а за некои постои сомнеж дека не се ни тестирани за полово преносливи болести.

„Тој момент што никој не се прашува кои се тие луѓе, толку спремни да не размислуваат за друга жена, за нејзиниот живот, за нејзината ситуација. А од нас постојано се бара да размислуваме за мажите што имаат еректилна дисфункција затоа што гледаат премногу порно.“

Тие мажи не се пасивни учесници. Со нивниот избор ги обликуваат наративите на сексуалноста, согласноста и објективизацијата. Иако се невидливи во анализите на ваквите настани, играат главна улога во нивното одржување.

Дали нашите избори се вистински наши, или се обликувани од условите во кои живееме, каде престанува порнификацијата на општеството и почнуваат нашите искрени, автентични желби?

-Нина Павиќевиќ, авторката на овој текст е комуниколог од Подгорица и креаторка на Инстаграм-платформата Критички, каде што постојано повторува дека жена на жена не ѝ е волк.

12 февруари 2025 - 10:57