6 состојки за кожа што не се за претерување

Супер се рутини за нега на кожа додека не се претера со омилените состојки и не ја свртиш ситуацијата наопаку, далеку од таму каде што сакаш да се доведеш. Сѐ си бара умереност.

Секоја кожа е различна, и после одредено време посветено на истражување на сопствената, од прилика знаеме што ни е добро, а што не. Сепак, постојат состојки со кои може да се претера и во консултација со дерматолози, Real Simple објаснува кај треба да пазиме.

Алфа Хидрокси Киселини (AHA)

Сјајот на кожата е прекрасен - толку добро изгледа што може да паднете во искушение да ја нанесувате оваа состојка почесто отколку што треба. Некои производи што ја содржат се наменети за секојдневна употреба, но не сите.

Препорачаната честост зависи од концентратот на киселината и колку кожата ви е навикната на тоа. Едноставно, прочитајте што пишува на пакувањето и послушајте ги тие препораки.

Бета Хидрокси Киселини (BHA)

Како и во претходниот случај, и на ова треба да се внимава. Се наоѓа во формули како салицилна киселина што се користи за третман на масна кожа, склона кон акни. Претерана употреба може да постигне контра-ефект. Ако упатството вели да се остави 15 минути, па да се исплакне - внимавајте на минутите. И се разбира, читајте што се препорачува на пакувањето.

Ретиноиди

Светиот грал на производите за нега на кожа што го обожаваат и експерти и гуруа ширум светот е научно докажано дека поправа и спречува знаци на стареење. Истовремено, има една кочница - ретинизација. Тоа е процесот на лупење, црвенило и осетливост на кожата додека се навикнува на ретинол.

Благи случаи на овие симптоми се очекувани - важно е да се постигне таа толеранција. Затоа и се почнува со помалку и со поретко, па сето тоа се зголемува со тек на време.

Трихлороацетатна киселина (TCA)

Ова е моќен третман за кожа и помага со тенки и поодминати брчки, плус дисколорација. Ако ви текнува на сцената во „Сексот и градот“, кога на Саманта ќе ѝ и изгори фацата од хемиски пилинг - тоа било најверојатно пилинг со TCA. Овој третман го разложува „малтерот“ што ги држи епидермалните клетки заедно и помага да се отфрлат мртвите кожни клетки. Ако се прави пречесто, се појавува црвенило и иритација на кожата.

Средни до тешки масла

Придобивките од секојдневно навлажнување на кожата се огромни, но потребно е да се најде вистинскиот начин и формула. Средни до тешки малса за лице - како од авокадо, маслиново и кокосово - даваат влажност со која навистина може да се претера, особено во случај на масна кожа, склона кон акни. Преголема количина може да ги затвори порите, да создаде комедони (црнки) и да доведе до зголемени пори. Овде треба да се слуша кожата, и кога можете да се префрлите на полесни масла како камелија и шипки.

Хидрокинон

Го фалат заради способноста да помогне при шарање на лицето и делови што претрпеле хиперпигментација. Како криптонит е за флеки од сонце, мелазма и пост-воспалителна хиперпигментација.

Значи, се работи за суперпотентна состојка што треба да се користи со внимание - показател за ова нека ви биде дека е забранета за време на бременост и доење. Има контраиндикација што се вика „охроноза“, што се појавува при хронична употреба на хидрокинон. Затоа, користете го максимум два пати на ден, не повеќе од пет месеци. Ако сакате алтернатива, користете витамин Ц, ниацинамид или глутатион.

И, уште еднаш - читајте што пишува на пакувањето.

20 август 2021 - 00:10