21 метод за отстранување влакна

Дваесет и еден бе! А ние тука мислиме дека се главно три, плус чупалица.

Off Café милува да биде демоде за одредени работи, па така додека по запад се инсистира на влакна од необјасниви причини (феминизмот не е задоволителен аргумент, извинете), ние ќе разговараме за - отстранување на истите влакна!

На кој му се шета како што го дала мајка природа, може слободно да си оди, ние, со помош на едно видео во продукција на Allure ќе разгледуваме што сè ни е опција за да си останеме демоде - мазни.

Се почнува со бричеви од хорор филм. Оној вториот (е сега, извинете за сликата) што главно на филмови служи за сечење вени, всушност, вака просто прикажан во врска со намената заради која реално постои - звучи како одлична идеја. Дали знаете дека, така затворен, врз својата челична рачка е подобар и поекономичен (и поеколошки!) од сите тие пластики чии сечила зарѓуваат после 2-3 пати употреба? Важно е само да се внимава и да се вежба со него, за да се доведе техниката до совршенство. Ако брзате, чао кожа.

Ја има и онаа демонска направа - епилатор што звучи језиво и корне влакна како да е средновековна справа за мачење (реакцијата си е на место).

И имало луѓе што користат онаква сребрена трака? И, работи ли тоа воопшто? На видеото не видовме.

Од кај корнењето, најатрактивно звучи методот со шеќер. Не само затоа што наводно помалку боли од другите корнења, туку затоа што и состојките во смесата се скроз природни.

Ракавици за шмирглање?

Ласер?

Сè е покриено. Ваше е да бирате. Или, едноставно да бидете модерни.

27 мај 2019 - 00:00