Саудиска Арабија ќе ја тргне забраната за жени-возачи

Кралот Салман дозволи жените да возат од 24-ти јуни, 2018 и ова е прв пат во Саудиска Арабија, која до сега беше единствената земја со ваква забрана. Веста дека конечно е дојден крајот на казнување и апсење на жени што седнале зад волан беше прифатена со восклик, особено од активистите кои со години се трудеа да го постигнат ова. Низ социјалните мрежи се рашири хаштагот I am my own guardian – директно врзано со фактот што во оваа земја, жените не смеат да патуваат, да се венчаат, да се разведат, да работат, дури ни да отворат сметка во банка без машки „старател”, плус, буквално вредат помалку од мажи – сведочење на еден маж на суд има тежина колку на две жени.
Како пример, муабет со еден пријател од Катар, тој од запад, жена му од таму. Заборавиле дека заради моменталната локација, нејзе сепак ѝ треба дозвола за сЍ, па додека бил на пат, она решила дека сака да излезе од земјата од икс-причина. На пријателов му се јавуваат од полиција на аеродром: „Овде има нешто што ви припаѓа вас. Смее ли да патува, г-не?”
Ирска ќе оддржи референдум за Законот за абортус

Уште еден триумф - плод на одлучни кампањи и решително лобирање е веста дека Ирска ќе оддржи референдум за забраната за абортус во 2018-та, за кој ќе се гласа во мај или јуни. Оваа година имаше протести во Ирска и Англија фокусирани на осмиот амандман во ирскиот устав, кој на нероденото дете му дава еднакво право на живот како мајката, што го прави абортусот (дури и во случаи на силување, инцест и сериозни проблеми со плодот) нелегален. Како резултат, илјадници жени се принудени да патуваат во Велика Британија за абортуси, односно за да го остварат основното човеково право на одлука во врска со сопственото тело. Сепак, иако 82 проценти од населението е за олабавување на законот, сепак поддршката за „абортус по барање” сè уште е само кај малцинството.
Британските компании ќе мора да ја пријавуваат разликата во плата кај мажи и жени

Британската влада одлучи дека компаниите со повеќе од 250 вработени ќе мораат да ја пријавуваат разликата во платата кај мажи и жени до април 2018. Новите закони предвидуваат дека компаниите од јавниот и приватниот сектор ќе мора да ги приложуваат просечните плати за мажи и жени, како и родовите пропорции во секој квартал од платната структура.
Ни Харви Вајнстин не е недостижен

После децении непобедливост и надмоќ, мажите во огромните индустрии кои досега беа недостижни поради моќта и финасиските средства со кои што можеа да замолчат цели групи на луѓе, фирми и законодавни тела, ја губат битката. Ова во случајов важи за Холивуд, и Харви Вајнстин, еден од највлијателните и најбогати продуценти во индустријата за кој со години се шепка дека малтретира жени – од вработени, до глумици, до манекенки. Новинарите долго време се обидуваат да го разоткријат, и конечно случајот доаѓа на светло – вчера во Њујорк Магазин излезе осврт и сведоштво на една новинарка која споредувајќи го со Л.Б. Мајер (на Метро Голдвин Мајер, кој своевремено сексуално ја малтретирал Џуди Гарланд), конечно на својата влијателна платформа го разобличи моќниот продуцент со новинари, адвокати и пола Холивуд на платен список.
Е па, да се множат победи.