11 филмови за носталгично европско лето

Замислете летен распуст во мало селце во јужна Франција каде што баш ништо не се случува. Единствен начин да ти помине времето е да голташ долчевита филмчиња, зачинети со несекојдневна романтика. Или, не мора баш таму да е. Замислете лето, во Скопје, ‘90-ти. Распуст, спарно и на телевизија почнува Only You.

1. Malena

Во Сицилија за време на војна, 13-годишно дете се вљубува во прекрасна, млада воена вдовица - Малена, која е истовремено опсесија на секој маж и жена во нивното мало село. Поради нејзе, Ренато ги учи сите лекции што може да ги приреди животот и се наоѓа на места што не можел ни да ги замисли. Визуелно личи како долга реклама за Долче и Габана.

2. Swimming Pool

Британска писателка патува во летната куќа на нејзиниот издавач во јужна Франција за да се осами и да работи на следната книга. Но, пристигнува Џули, која тврди дека му е ќерка на издавачот, предизвикува компликации и едно убиство.

3. French Kiss

Мег Рајан и Кевин Клајн со француски акцент. Париз, виногради во Прованса, па Француска ривиера и имате исклучително весел и шармантен филм.

4. Plein Soleil

Се работи за оригиналната адаптација на „Талентираниот г-н Рипли“, а овде му е првата поголема улога на Алан Делон. Филм каде што секој кадар личи на разгледница, од италијанските пејсажи, до исончаните тела на актерите.

5. Only You

Роберт Дауни Џуниор и Мариса Томеи прават многу смешна и магична комбинација, со гардероба за во несвест паѓање и списокот на италијански локации - од Венеција до Поситано.

6. A Bigger Splash

Модерна ода на Сицилија, со Тилда Свинтон, Реиф Фајнс и Дакота Џонсон. Описот е: „Секс, убиство и Италија - што повеќе ти треба во еден филм?“

7. A Room with a View

Млада Хелена Бонам Картер, Меги Смит, Даниел Деј Луис и Џуди Денч - филмот е комедија со интелектуален пристап кон љубовта и ве носи во Фиренца.

8. Вики Кристина Барселона

Едно од најдобрите дела на Вуди Ален, умно, хаотично и визуелно частење.

9. Et Dieu... créa la femme

„И бог ја создаде жената“ ја претвори Брижит Бардо во интернационална ѕвезда - ја игра Џулиет, 18-годишно сираче со незапирлив апетит за задоволство што го потресува Сен Тропе.

10. Il Postino

Роџер Еберт има кажано, „Убавината на овој филм е во неговата тивкост.“ Одлично ја прикажува едноставноста на Италија.

11. A Good Year

Малку преромантизирана верзија на Прованса, ама сепак е совршен за на списоков, со Расел Кроу и Марион Котијар. Да се гледа со чаша вино во рака.

17 мај 2021 - 14:39