Лабораториум слави една година

Оваа цела недела едукативно-културниот центар Лабораториум ќе го одбележи својот прв роденден со разновидна програма, што ќе започне во вторник (03.12) а ќе трае до недела (08.12).

Роденденската програма го отсликува духот на овој простор кој го обликуваат разновидни, необични и занимливи проекти.

Започнува со хуманитарниот настан „Giving Tuesday“ во соработка со центарот за социјални иницијативи „Надеж“ кој има за цел да ја подигне свеста на младите во нашата земја за важноста на реупотребата на користената облека и
аксесоари.

Среда е резервирана за „All star- Jam session“ - славење на неделниот проект “Експериментален џем” на Лаб, со отворена покана кон сите артисти и музичари кои биле гости изминатата година. Сите се поканети да создадат импровизиран концерт.

Четврток е посветен на локалните крафт производители и млади DJ. Гости на настанот ќе бидат Темов, Пиволабс, Белеза, Вајт Риџ џин, Плетварски ракии, В'к ракии, Мирон вино и ракии, Ерос вино, Брзанов вино, Бак, СмидЏин. За музичкиот дел ќе се погрижи диџејското дуо „D.I.K.”

Викенд агендата започнува со нова иницијатива на културно-едукативниот центар, “Social Friday” наменета за заедницата и локален
активизам. Лабораториум ќе ја пренамени оградата на “Lab Café” во автобуска станица на постојката „Европски Универзитет”. Утрото го посветуват и на повозрасните граѓани, на кои ќе им се понуди, платформа и простор за формирање на сениор клуб во рамките на Лаб, место каде нивните идеи и желби ќе бидат сослушани и реализирани.

Вечерната викенд програма започнува со најава за највозбудливиот проект на Лабораториум до сега – новото онлајн радио „Стереолаб“. кое ќе промовира нова независна македонска музика, но исто така ќе негува стари и нови музички тенденции од целиот свет.

Сабота ќе започне со детското катче, каде на најмладите Лаб ќе им понуди неколку забавни, интерактивни и едукативни проекти: интерактивна работилница за репарација на играчки со кои потоа ќе се импровизира куклена претстава, ќе има работилници, детско музичко шоу и ,,мини диско”.

Во вечерните часови, следува филмската вечер, каде покрај проекцијата на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски, ќе се одржи и филмски квиз и забава со филмска музика.

Големото финале на 08.12 ќе биде крунисано со Отворен ден во Лабораториум – целодневна програма дисперзирана на повеќе катчиња во халата – ликовна уметност, театар, игри, спорт, печатење на “Lab merch” во живо, како и повеќе музички настапи на големата и малата сцена во „Лабораториум“. DJ сетови ќе имаат Јанко петел јаваше, DDs, Disco Ninja и Double G а во живо ќе настапат M! и KEM. Настанот во недела ќе трае од 13:00 часот до 01:00 часот.

Лабораториум е свежа вода во мочуриштето. Честитаме на екипата.

3 декември 2024 - 11:22