- Српскиот претседател Александар Вучиќ е обвинет дека бил вмешан во „Сараевското сафари“ за време на војната во Босна – организирањето тури за странци што плаќале големи суми за да пукаат од снајпери врз цивили во опколено Сараево.
- Хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ поднесол пријава за Вучиќ до обвинителството во Милано, кое спроведува истрага за случајот. „Ги приложив сите докази, видео материјали, фото документација, аудио и видео снимки, како и извештаи од медиуми од тоа време“, вели Маргетиќ.
- Новинарот тврди дека Вучиќ бил член на паравоен одред под контрола на Српската радикална партија, кој бил стациониран на позиција на Еврејските гробишта, од каде што снајперисти пукале во Сараево.
- Како доказ тој приложил и снимка од 1993 година, на која се гледа Вучиќ како наводно носи пушка со телескопски нишан. Негови приврзаници тврдат дека Вучиќ тогаш бил новинар и носел триножец за камера.
- „Тврдењата изнесени од хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ претставуваат школски пример за злонамерна дезинформација, создадена со цел да го еродира институционалниот кредибилитет на Србија и нејзиниот претседател“, изјави за „Телеграф“ Сузана Васиљевиќ, портпаролка на претседателот.
- Поради пожар во конференцискиот центар итно беа евакуирани министрите и делегатите на глобалниот самит за климата КОП30 во бразилскиот град Белем. На конференцијата учествуваат повеќе од 50.000 делегати од целиот свет.
- Пожарот избувнал близу кинескиот павилјон и се проширил на покривот, но брзо бил изгаснат. На 13 луѓе им била укажана помош поради вдишување чад. Изгореле неколку павилјони.
- Причината за пожарот не е позната. Можно е да избувнал поради дефектен генератор. Кога почна конференцијата не беа завршени градежните активности во центарот.
- На министрите на самитот им останува уште еден ден да постигнат договор за целите за исфрлање на фосилните горива, за финансирање на мерките против загадување и за трговски мерки. До вчера не беше постигнат договор.