- Главната цел на нападите од САД и Израел врз Иран е да им се обезбеди слобода на Иранците, изјави претседателот Доналд Трамп во првиот коментар за операцијата „Епски гнев“.
- „Сè што сакам е слобода за народот. Сакам безбедна нација и тоа е она што ќе го имаме“, изјави Трамп за Вашингтон пост.
- Тој претходно во снимена порака од осум минути ги охрабри Иранците да се кренат против режимот и да ја преземат власта.
- „Ова веројатно ќе биде вашата единствена шанса... Сега имате претседател што ви го дава она што го барате, па да видиме како ќе реагирате“, им порача Трамп на Иранците.
- Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
- Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
- Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
- САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
- Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.