Врховниот суд на САД застана во одбрана на дигиталните права на граѓаните – пресуди дека полицијата не смее без судски налог да собира податоци од Гугл за локацијата на корисници на мобилни телефони.
Пресудата се однесува на случајот „Чатри против САД“, во кој полицијата лоцирала осомничен за грабеж на банка врз основа на податоци од Гугл за сите активни телефони во банката за време на инцидентот.
Администрацијата на Трамп тврдеше дека корисниците „немаат очекувања за приватност“ откако доброволно ќе ги споделат своите податоци за локација со компании како Гугл. Врховниот суд го одби ова тврдење.
„Поединецот има разумно очекување за приватност во записите за локацијата на неговиот мобилен телефон. Кога полицијата ги бара информациите, се меша во тој уставно заштитен интерес“, објави судијката Елена Каган.
Пресудата може да има влијание врз полициската практика на широки налози за претрес - барања до технолошките компании да достават информации за локации, па и за употреба на специфични фрази или изрази во разговори со лица или советувања со чет-ботови.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.