Федерален судија во САД ја објави белешката за која се тврди дека како проштална порака своерачно ја напишал Џефри Епстин неколку недели пред да биде пронајден мртов во затворската ќелија во Њујорк пред седум години.
„Ме испитуваа со месеци – не најдоа ништо! Уживање е да можеш да избереш време за збогување... Не е забавно, не вреди!“, е запишано ракописно во белешката, чија автентичност ниту е потврдена ниту е негирана.
Белешката ја објавил судијата Кенет Карас по барање од весникот Њујорк тајмс, кој објави дека постои таков документ во судската архива во случајот на Николас Тартаљоне, цимерот на Епстин од ќелијата. Поранешниот полицаец Тартаљоне е осуден на четири последователни доживотни затворски казни поради четирикратно убиство во 2016 година.
Тој ја открил пораката во јули 2019 година, по наводниот обид за самоубиство на Епстин, кога беше пронајден со траги на вратот. Неколку недели подоцна Епстин беше пронајден мртов во ќелијата. Како официјална причина за смртта е наведено самоубиство.
Тартаљоне им ја предал белешката на своите адвокати, за да му послужи како одбрана од евентуални обвинувања дека го убил цимерот.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.