- Францускиот претседател Емануел Макрон побара Европа драматично да ја засили својата интеграција за да се врати на позицијата на глобална сила и да не се покорува на притисоците од САД или од Кина.
- „Мораме да се прашаме: Дали сакаме да бидеме гледачи - или учесници? Ако сакаме да бидеме гледачи, тогаш тоа води кон среќна покорност. Ние не му пречиме на никого, се обидуваме да бидеме добри кон Американците, а со Кинезите продолжуваме како и досега. Ви велам: Ако не направиме ништо, Европа ќе биде збришана за пет години“, изјави Макрон во групно интервју за неколку европски медиуми.
- Макрон ја повика Европа повторно да ги отвори своите дипломатски канали со Москва, за да не им го остави на „други“ процесот за крај на војната во Украина и за уредување на односите на континентот.
- „Имаме европски интереси што треба да ги браниме и нема да им ги препуштиме никому, дури ни на САД“, изјави Макрон.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.