По иницијативата на Левица Уставниот суд привремено го суспендираше издавањето на изводи со етничка графа.
Министерот за правда најави ново упатство со прочистен текст (а иста суштина) по кое тврди дека времената мерка на Уставен ќе стане беспредметна.
Кренар Лога вели дека поради формално непочитување на рокови, очекувал Судот да го укине упатството а не да купува време со привремена мерка.
За оценката на екс-министерката за правда Рената Дескоска дека неговото упатство е неуставно, министерот рече дека таа не е компетентна да го кажува тоа, бидејќи ги избегнала уставните измени преку МНР а и сама се номинирала за член на Венецијанската комисија.
Обвинителството во Вашингтон отвори кривична истрага против Џером Пауел, шефот на Федералните резерви на САД, во врска со лажно сведочење за реновирањето на седиштето на Централната банка во вредност од 2,5 милијарди долари.
Истрагата се поврзува со обидите на претседателот Доналд Трамп да го разреши Пауел, кој упорно ги одбива сугестиите од Белата куќа за намалување на каматните стапки. На оваа позиција Трамп планира да го постави својот долгогодишен економски советник Кевин Хасет.
„Никој, па ни претседателот на Федералните резерви, не е над законот, но оваа невидена акција треба да се гледа во поширок контекст на заканите и континуираниот притисок. Се работи за тоа дали Федералните резерви ќе можат да ги одредуваат каматните стапки врз основа на докази и економски услови, или монетарната политика ќе биде водена од политички притисок и заплашување“, изјави Пауел.
Судовите веќе ги отфрлија барањата од Министерството за правда за судски процеси против други политички противници на Трамп – поранешниот шеф на ФБИ, Џејмс Коми, кој ја водеше истрагата за руското мешање во изборите во 2016 година, и главната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс, која поднесе тужба за граѓанска измама против Трамп во 2024 година.
Германија планира да воспостави заедничка операција на НАТО на Арктикот во обид да го одврати Доналд Трамп од плановите за присвојување на Гренланд. Мисијата „Арктички стражар“ би била скроена според операцијата на НАТО „Балтички стражар“, која почна минатата година за заштита на инфраструктурата во Балтичко Море.
„За иднината на Гренланд исклучиво треба да решаваат Данска и Гренланд. Територијалниот суверенитет и интегритет мора да се почитуваат. Овие принципи на меѓународното право важат за сите - вклучително и за САД. Ние работиме заедно како сојузници на НАТО за да ја зголемиме безбедноста на Арктикот, а не едни против други“, порача германскиот вицеканцелар Ларс Клингбеил.
Трамп тврди дека Гренланд има стратегиско значење за безбедноста на САД и се закани дека ќе ја присвои - со воена сила доколку е потребно - контролата врз автономната територија на Данска, членка на НАТО. Трамп предупредува дека Москва или Пекинг ќе го заземат островот ако САД не го сторат тоа.
И британскиот премиер Кир Стармер побара разговори со европските сојузници за распоредување воена сила на Гренланд. Плановите, сè уште во рана фаза, би можеле да вклучуваат британски војници, воени бродови и авиони за чување на островот.