По првичниот астрономски раст, вредноста на акциите на SpaceX паднаа под нивото на кое почнаа да се продаваат на берзите.
Вчера, на првиот ден откако компанијата на Илон Маск беше вклучена во индексот Nasdaq-100, вредноста на акциите се намали за 6,8% и достигна 149,47 долари. Тоа е нешто под цената од 150 долари, со која почна тргувањето на 12 јуни.
Тоа ја одразува слабата доверба од инвеститорите во компанијата што лани оствари приходи од 18,5 милијарди долари и загуби од 5 милијарди.
Некои не ја губат довербата. „Морган Стенли“ го оцени плафонот на акциите на 300 долари, а „Дојче банк“ на 255 долари, тврдејќи дека „компанијата има јасна предност за распоредување на инфраструктура за вештачка интелигенција во вселената“ - недокажан концепт чие истражување може да потрае со години.
Максималната цена на акциите на SpaceX беше 225,64 долари, постигната на 16 јуни, четири дена откако се појавија на берзите. Во тој момент вредноста на компанијата достигна 2,65 билиони долари.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.