Исказите на полицискиот службеник дека Јане Ченто, кој тогаше беше во домашен притвор, не е дома, по што тој беше префрлен во затворски притвор, биле лажни, потврди Апелациониот суд.
Полицаецот Андреа Ѓорѓиески од Прилеп фалсификувал исправа во која внел невистинити информации и осуден е на условна казна.
На системот му требаа 5,5 години да го утврди ова.
Папата Франциско ќе биде погребан в сабота во 10 часот со церемонија на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, решија кардиналите во Ватикан.
На погребот се очекува да присуствуваат многумина шефови на држави од светот. Своето присуство веќе го најавија американскиот претседател Доналд Трамп, аргентинскиот Хавиер Милеи, бразилскиот Луиз Инасио Лула да Силва и украинскиот Володимир Зеленски.
Погребната миса ќе се одржи на отворено. Службата ќе ја води деканот на Колеџот за кардинали, Џовани Батиста Ре, а ќе сослужуваат патријарси, кардинали, архиепископи, бискупи и свештеници од целиот свет.
Согласно неговата волја од тестаментот, Франциско ќе биде погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, а не во „Свети Петар“, каде што почиваат повеќето негови претходници.
Рејтингот на одобрување од јавноста на Доналд Трамп падна на најниско ниво откако го почна својот втор претседателски мандат, покажува анкета на Ројтерс и Ипсос.
Само 42% од американските гласачи опфатени со анкетата во изминатата недела позитивно ја оцениле работата на претседателот. Пред три недели рејтингот на Трамп на идентична анкета беше 43%, а на денот на инаугурацијата на 20 јануари беше 47%.
Како причина за падот, анкетарите ги посочуваат незадоволството поради казнувањето на универзитетите, особено од демократските гласачи (89%), како и поради преземањето на контролата врз националните музеи и театри, што како лошо го оцениле 86% од демократите и 49% од републиканците.
За сите политики на Трамп има повеќе негативни отколку позитивни мислења. Најтесен е односот за политиката за имигрантите, која ја поддржуваат 45%, а ја осудуваат 46% од испитаниците.
Актуелниот рејтинг на Трамп сепак е повисок од оној на демократскиот претседател Џо Бајден во последните две и пол години во неговиот мандат.