Иран не може да најде доволно купувачи за својата сурова нафта пред да истече рокот за слободен извоз од 60 дена, согласно Меморандумот за разбирање со САД.
Техеран на 1 јули соопшти дека испорачал над 40 милиони барели сурова нафта откако САД ја укинаа поморската блокада. Но, повеќе од 20 милиони барели се во азиските води подолго од седум дена, што е зголемување од речиси 18% во однос на претходната недела.
Според извори на Блумберг, јасна дестинација немаат 90% од танкерите на кои се натоварени 58 милиони барели иранска нафта. Официјално се водат како „за нарачка“ или пловат кон Сингапур, со надеж дека ќе договорат извоз.
Главна причина е намалената побарувачка на големиот азиски пазар, кој очекува испорака на нафта од другите земји од Персискиот Залив. Кина, најголемиот увозник на иранска нафта пред војната, го преполовила увозот на 654.000 барели. Само еден ирански танкер истоварил нафта во Кина во изминатата недела. Индија чека конечен договор и целосно укинување на санкциите за да прави долгорочни нарачки.
Ограничувањата на Европската Унија и Британија сè уште се на сила. „Купувачите остануваат претпазливи дека Вашингтон би можел повторно да воведе санкции ако преговорите пропаднат“, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.