И во пензија, инспекторот Илиевски не им попушта
- Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија, лани во јуни поднел кривична пријава поради сомневања за злоупотреби во текот на постапката за нострификација и избор во наставно-научно звање на проф.д-р Иван Бимбиловски, сегашен Ректор на Универзитетот “Свети Апостол Павле” во Охрид.
- Пет месеци подоцна добил писмено известување од јавната обвинителка Викторија Коваческа Мандулоска дека пријавата е отфрлена.
- За Илиевски ова е крајно непрофесионална одлука: Бимбиловски ја нострифицирал докторската но претходно не ја нострифицирал магистерската што за обвинителката не било пречка за негово напредување.
- Дополнителен правен фушерај е и што иако донела одлука во корист на Бимбиловски, Викторија Коваческа Мандулоска нотирала дека тој има право на жалба (?1).
- „Како највисока институција, Ве замолувам да спроведете истражување за непрофесионално работење на јавниот обвинител во овој случај и истовремено да се распореди предметот кај нов јавен обвинител кој повторно ќе постапи по случајот и да се откријат сите сомнежи, како во однос на постапувањето на надлежните во секторот за нострификација, така и во однос на умисленото дејствување на пријавениот“, пишува Илиевски во отвореното писмо до јавниот обвинител на Република Македонија, Ненад Савески.
- Ѓорѓи Илиевски е познат македонски просветен инспектор и поранешен виш просветен инспектор, кој во јавноста е најпознат по обелоденувањето на скандали со нерегуларно стекнати академски титули и незаконски унапредувања на политички функционери во професорски звања на државните универзитети.