Доналд Трамп го освежи „холот на претседателите“ во Белата куќа со табли со лични описи на своите претходници. На воведната плоча е објаснето дека колонадата со портретите е од почит кон поранешните претседатели, кои биле „добри, лоши и некаде во средината“. Портпаролката Каролин Ливит, изјави дека „многу од елоквентните описи се напишани од претседателот“.
Под сликата на автоматското пенкало, кое треба да го претставува Џо Бајден, со златни букви е напишано: „Поспаниот Џо Бајден несомнено е најлошиот претседател во американската историја... Ја презеде функцијата како резултат на најкорумпираните избори досега... Со прекар Поспаниот и Лажго, Џо Бајден беше под влијание на неговите радикални левичарски советници“.
Трамп бил многу повоздржан за описот на Обама: „Барак Хусеин Обама беше првиот црн претседател... Еден од најконтроверзните политички фигури во американската историја“.
Под портретот на Бил Клинтон е наведено дека „неговата сопруга Хилари во 2016 година загубила на избори од Трамп“, а за Џорџ В. Буш е запишано дека „ги почнал војните во Авганистан и во Ирак, кои не требало да се случат“.
За своите два мандати, Трамп запишал: „Ги поништил климатскиот пакт и договорот со Иран, го уништил Калифатот на ИСИС, ги потпишал Абрахамовите договори, наметнал царини и имиграциски политики, ги ослободил училиштата од трансродовите политики, ја почнал изградбата на Златната купола и на Салата за бал, го преименувал Мексиканскиот Залив во Американски и ја создал Најголемата економија во историјата на светот“.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓоргиевски и неговата претходничка Данела Арсовска, ќе треба да платат казна (од 300 до 500 евра) бидејќи не поднеле изјава до Комисијата за спречување на корупција за имотот што го поседуваат, пред и по нивното доаѓање на функцијата, со цел да се види дали и колку се збогатиле. Новиот скопски градоначалник не доставил анкетен лист ниту кога си заминал од општината Кисела Вода, за што имал рок од триесет дена.
На листата на луѓе кои не ја исполниле законската обврска се уште 16 градоначалници.
Кабинетот на Ѓорѓивески вели дека тој не успеал да го поднесе анкетниот лист поради интензивни работни обврски поврзани со преземањето на новата функција и дека тоа ќе го стори во наредните денови.