- „Се отвора Пандорината кутија“, велат луѓе кои се бават со јавни набавки во една хрватска државна фирма по повод скорешна одлука на Судот на ЕУ.
- Очекуваат тектонски промени во јавните набавки во земјата, особено за големите инфраструктурни зафати кои ги изведуваат државни фирми, откако судот порача дека компании од трети земји кои немаат склопено меѓународен договор со ЕУ, не можат да учествуваат во јавните набавки во земјите од Унијата.
- По тужба на турска компанија која изгубила од австриски конкурент (за железничката пруга Хрватски Лековац - Карловац) , Судот решил дека бидејќи Турција нема договор за слободна трговија со ЕУ, не смее да има пристап кон пазарот на јавни набавки и заштита на правата.
- „Цела цивилизација ќе умре вечерва, за никогаш повеќе да не се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи“, порача Доналд Трамп во безумна закана за уништување на Иран.
- Тој цврсто стои до ултиматумот што му постави на Техеран до вечер во 20 часот според американско време да го деблокира Ормускиот Теснец. Ако не, ќе нареди „пеколни“ напади кои „ќе го вратат Иран во Камено доба“.
- Трамп отворено се закани дека ќе ги уништи мостовите, енергетските постројки и централите за десалинизација, што би оставило десетици милиони Иранци без струја и вода. Тоа, според сите критериуми е воено злосторство насочено против цивили.
- Трамп остави мал простор да ги откаже нападите во последен час, како и во претходниот ултиматум до Техеран пред две недели: „Сепак, сега кога имаме целосна и тотална промена на режимот, каде што преовладуваат различни, попаметни и помалку радикализирани умови, можеби може да се случи нешто револуционерно прекрасно, Кој знае?“.
- И самиот дава одговор: „Ќе дознаеме вечерва, еден од најважните моменти во долгата и сложена историја на светот. 47 години изнудување, корупција и смрт конечно ќе завршат. Бог да го благослови великиот народ на Иран!“.