- Европската комисија предупреди дека ќе блокира кредити и грантови за Белград во сума од 1,6 милијарди евра, поради спорните реформи за централизација на судството.
- Во прашање е финансиската поддршка за Србија во рамките на Планот за раст на Западен Балкан. „Овие пари содржат предуслови поврзани со владеењето на правото“, изјави Еврокомесарката за проширување Марта Кос
- Судските реформи предвидуваат ограничување на мандатот на јавните обвинители и поголеми овластувања на претседателите на судовите во однос на судиите.
- Критичари тврдат дека реформите ќе ја поткопаат независноста на судиите и ќе ги загрозат случаите на корупција на високо ниво што ги води Јавното обвинителство за организиран криминал. По реакцијата, Србија побара експертско мислење од Венецијанската комисија.
- „Откако (комисијата) ќе го објави мислењето, очекуваме овие закони да бидат соодветно ревидирани, на инклузивен начин“, изјави Кос.
- Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
- Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
- Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
- САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
- Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.