- Хрватскиот парламент ги усвои измените во Законот за одбрана што опфаќаат враќање на задолжителна основна воена обука за млади мажи на возраст од 19 до 30 години. Исклучок се оние што ќе запишат факултет или спортисти што учествуваат на светски или европски првенства.
- Сите 18-годишни момчиња се регистрирани во воениот регистар и по лекарски преглед ќе бидат испратени на воена обука во календарската година кога ќе наполнат 19. Основната воена обука ќе трае два месеци, првите повици ќе почнат до крајот на оваа година, а првите регрути се очекуваат во касарните во Книн, Слуњ и Пожега на почетокот на следната година.
- Војничката плата ќе биде 1.100 евра месечно, а обуката ќе биде вклучена во работниот стаж. Невработените лица кои завршиле основна воена обука ќе имаат приоритет при вработување во државните и административните органи на локалните единици.
- Оние што одбиваат воени должности поради религиозни или морални убедувања ќе може да прифатат основна обука од три месеци во цивилна заштита или четири месеци во локални единици. Жените не подлежат на задолжителна регрутација, но можат доброволно да се пријават за основна воена обука.
- Ќе бидат потребни 20 до 30 години за да се исчисти површината на Газа од неексплодирани бомби и мини, предупредува хуманитарната организација Хуманост и инклузивност.
- За време на двегодишната војна, од ваков вид муниција загинале 53 луѓе во Газа, а стотици биле повредени. Огнот сега официјално запре, но неексплодираните бомби сè уште може да се активираат. Многу објекти се минирани.
- „Не е возможно да се исчисти сета муниција, зашто голем дел е закопана или е под урнатини. Онаа што е видлива на површината можно е да се отстрани во тек на 20 до 30 години. Но, тоа ќе биде само мал дел од многу голем проблем“, предупреди Ник Ор, експерт за отстранување експлозиви, кој неколку пати ја посетил Газа за време на војната.
- Седумчлена екипа на хуманитарната група од идната недела ќе почне мисија за откривање на неексплодираната муниција во критичните објекти - пред сè во болниците и пекарниците. Групата нема дозвола од Израел да ги отстранува или да ги деактивира бомбите.