- Перуанската претседателка Дина Болуарте го потпиша законот за општа амнестија на војниците и полицајците обвинети за прекршувања на човековите права во периодот на судирите со маоистичките герилци од 1980 до 2000 година. За време на граѓанската војна во Перу загинаа повеќе од 69.000 луѓе, а исчезнаа уште 20.000.
- „Се признаваат жртвите на членовите на оружените сили, полицијата и групите за самоодбрана во борбата против тероризмот. Им ги враќаме достоинството, кое никогаш не смееше да биде оспорено“, изјави претседателката.
- Со законот се поништуваат повеќе од 156 пресуди и повеќе од 600 судски процеси против припадници на силите за безбедност поради прекршување на човекови права во пресметките со герилците од Сендеро Луминосо, Тупак Амару и со други радикални левичарски групи.
- Законот за амнестија беше предложен од десничарската партија Народна сила, формирана од поранешниот претседател Алберто Фухимори. Тој беше осуден на 25 години затвор поради прекршување човекови права, но беше помилуван во 2023 година.
- Групата Амнести интернешнел бараше од претседателката да не го потпишува законот, бидејќи за многумина осудени е докажана вина за произволни убиства, киднапирања, мачења и силувања.
- Британија и Франција постепено ќе го укинат договорот за размена на мигранти според принципот „еден внатре – еден надвор“, бидејќи биле депортирани премалку лица.
- Од склучувањето на договорот во август 2025 година па заклучно со 1 октомври годинава, во Франција биле вратени повеќе од 1.500 нелегални мигранти, а во спротивна насока биле префрлени нешто помалку од 1.500 легитимни баратели на азил во Британија.
- Проценетите трошоци за шемата изнесуваат 56.000 фунти по вратен мигрант, што достигнува вкупна сума од околу 84 милиони фунти.
- За споредба, во истиот период повеќе од 40.000 нелегални мигранти пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци.
- Лондон бил подготвен да го продолжи договорот, но Париз одбил, со образложение дека сака шема за враќање на ниво на целата Европска Унија.
- Изминатиот септември беше првиот по 32 години во кој немало ниту еден ураган во Атлантикот. Ова се случило само три пати досега – во 1994, во 1972 и во 1962 година.
- Просекот е 7 урагани во сезона, од кои 2 до 3 се во септември.
- Аномалијата се смета за последица на пацифичкиот климатски феномен Ел Нињо, за кој се предвидува дека годинава ќе биде најсилен досега.
- Оваа година може да биде првата без ниту еден ураган во Атлантикот откако во 1950 година почна да се води прецизна евиденција. Во просек во октомври се формира по еден ураган годишно, а повремено може да има и во ноември.
- Најмалку, само по два, имало во 1982 и 2013 година.