Необична комбинација

Пилешко со кикирики

Овој рецепт е за сите љубители на пилешко и кикирики, многу едноставен за подготовка и многу вкусен

Време на подготовка:
15 мин.

Време на готвење:
25 мин.

Вкупно време:
40 мин.

Порции

2 лица

Состојки

  • 350 гр. пилешки гради
  • 50 гр. кикирики без лушпа
  • 1 луто пиперче
  • 2 помали главици праз
  • 2 лажички густин
  • 3 лажици соја сос
  • 2 чешниња лук
  • ½ дл. бело вино
  • малку ѓумбир (свеж или во прав)
  • црвен пипер
  • сол
  • кари по желба

Подготовка

Пилешкото месо исечете го на ленти.

Зачинете го со малку црвен пипер и лажиче густин и измешајте го.

Кикириките очистете ги од лушпите и пропржете ги малку во тава со една лажичка масло. Важно е да користите тава која нема да лепи за да не ви загорат (пример вок тава). Извадете ги кикириките од тавата. Потоа во истото масло додадете го пилешкото месо и пржете го некоја минута. На пилешкото додадете го исецканиот праз и ситно сецканото луто пиперче и продолжете со пржење. по неколку минути вратете ги кикириките во тавата и додадете го остатокот од густинот измешан во ½ дл. вода.

На крај додадете ги сецканиот лук, соја сосот виното и зачинете со ѓумбир и сол. Ако сакате можете да додадете и малку кари.
Оставете го јадењето да се готви на тивок оган десетина минути. Ако ви изгледа дека е премногу густо можете да додадете филџан вода.
Пријатен апетит!

28 јуни 2012 - 07:00