Пастрмајлија за неполн саат

Како мислиш невозможно е да склопиш пастрамајлија за помалку од еден час? Остани на линија.

Пастрамајлијата е македонскиот одговор на пицата. Во секоја култура постои јадење кое ги дели луѓето на две групи: оние што го обожаваат и оние што не знаат што пропуштаат. За нас Македонците, тоа е пастрмајлијата - совршената комбинација од тесто и месо. Легендата вели дека пастрмајлијата настанала кога еден мудар човек, а истовремено и многу гладен, рекол: „Ми се јаде тесто, ама да не е леб. А ми се јаде и месо, ама да не е суво. Сето тоа без зеленчук, за да не глумам диета“.

Некои тврдат дека пастрмајлијата дошла од Турција, други велат од Ерменија, но ние знаеме дека всушност потекнува од блискиот исток на Македонија, бидејќи ни еден друг народ не би бил толку истраен во правењето совршен баланс меѓу срцев удар и среќа. Оригиналната пастрмајлија е танкер од тесто натоварен со блокови месо. Тестото е со крцкава кора, но меко на душа – како секој типичен Балканец. Месото, од-друга-страна-пак (читај го слеано, демек интелектуалец си), не е обично месо. Тоа е пастрма – специјално солено и сушено месо кое поминало низ повеќе ритуали отколку македонска свадба.

Ова е конвенционалниот рецепт. Последните неколку децении се форсираат највеќе свинско и пилешко месо. За оние што сакаат дополнителен луксуз, се додава јајце на врвот, кое се растекува како врела лава преку месото Може после рецептов (особено за делот околу тестото) да се јават гастро-полицајци шо ќе ме пендречат дека тестото не е по традиционален терк. Ама ја од цајкани не се плашам.

Ja пуштаме Police on my back од The Clash и засукуваме ракав:

Месото: ја одам со свинско филе. 700 грама, сецкано на коцки и сетне зачинето со веѓета, малку сол, лук во прав и многу црвен пипер. Нека отстои барем еден час за да ги впие зачините.

Тестото: во длабок сад додаваме брашно и иста количона павлака или јужнососедски јогурт. Јас ставив по 250 грама од двете. На крај додаваме 2 кафени лажици сол и една прашок за пециво. Ова треба да е доволно за два комада. И тоа солидни комaда. Елементите ги месиме во тесто. Откако тестото е оформено, го делиме на два дела.

Рачно или со помош на сукало го оформуваме тестеното бротче. Внатре го редиме месото. По 350 грама, нека љубомори цел комшилук. Врз месото рендаме од омилениот ни кашкавал или на сред печење додаваме јајце. Може да ја цепете и клот, само месо. Рерната оптеретена на 200 степени по целзиус. Печеме 20-25 минути, или додека кората од тестото не добие кафеави дамки. На крај ја премачкуваме со растопен путер или свинска маст. Разликата во вкус е минимална во однос на конвенционалното тесто, жими последна плата.

Не верувате? Пробајте па ќе правиме муабет.

На здравје!

Кирил Стоименов - убеден дека најдобрата пастрамајлија се прави во Злетово

1 февруари 2025 - 20:09