Многу наши писатели се непознати во светот, но во своето маало уживаат светска слава. Одговарам на описот. Тој сум. Сум напишал сè и сешто, освен чек од милион долари. Додека се исправи оваа неправда, еве уште една премиера во МНТ, а да ми извините на израз, еве уште еден мој текст.
Иако животот им одзема страшно многу време на луѓето, еден носител на Нобелова награда и најелегантен капут во овој дел на светот, познат од крстозборите по иницијалите И.А. сепак стигнал да напише афоризам за животот и неговите илеџии и плачковци: „Многу луѓе имаат незавршена сметка со животот, но при тоа животот секогаш е нивен должник”. На темава можеме да поарчиме и цел живот, но постојано во заседа ќе нè начека истиот суров заклучок: Вистинскиот живот е тој што ние всушност не го живееме! Дали сонот е клуч за бегство од самиот себе? Зависи. Некој прегладнет филозоф рекол дека сите наши соништа се повлекуваат пред добриот ручек. Еден напатен дисидент препорачува: „Не ги раскажувајте своите соништа. Можеби еден ден на власт ќе дојдат психоаналитичари!“ (Во нашиов случај, заменици ќе им бидат нивните пациенти. А што ќе бидеме ние? Не поставувај вулгарни прашања!)
И додека не сме запотиле под мишки од оваа ментална гимнастика (или филозофија) да се вратиме на нашите домаќински прашања. Ако животот е сон, тогаш што е сонот? На вакви места интелектуалните пиштолџии веднаш го извлекуваат Сигмунд Фројд и неговото тврдење дека соништата се прикриени исполнувања на потиснатите желби. Некој маж се пожалил на психијатар дека сонувал страшен сон: Бил сам на пуст остров со 12 најубави девојки на светот. Што има тука страшно? Па во сонот и тој бил девојка!
За разлика од обичните секојдневни соништа, каде што подсвеста
се ослободува без наша контрола, театарот припаѓа на т.н. луцидни
соништа во кои ние сме свесни дека сонуваме. За разлика од светот на нужноста, театарот е царство на слободата затоа што неговата нужност се фантазијата, имагинацијата и креацијата. Во театарот сите сонуваат со отворени очи и тој може да изрежира секаков сон, но и тој самиот е сон кој ја режира стварноста. Кога ќе се случи таква магија, тогаш се вели дека животот го имитира театарот, а не обратно.
Затоа вистинскиот жив театар постојано ја истражува смислата на нашето постоење на овој свет, но истовремено се истражува и самиот себе. Тоа што во животот се третира како болест, во театарот е само уште една нова можност и предизвик. Тетарот е ритуал и естетизација на смртта. Кога некој лик од пиесата треба убедливо да умре на сцената, режисерот му сугерира на глумецот: „Внеси повеќе живот во твојата смрт!“
Пред нас е една од најславните пиеси на светската драматургија, „Животот е сон“, позната и по прекарот „шпански Хамлет”. Ја напишал еден колега на Сашко Насев, кој се одзива на скратеното име Педро Калдерон де ла Барка.
„Животот е сон“ е драма со прецизна и цврста структура. Колку и да ја растурате, самата се составува. Каде и да ја фрлате, секогаш се дочекува на сопствените нозе! Одличен текст. Единствена маана му е што јас не сум го напишал. Да не се фалам случајно? Не е случајно. И не се фалам. Ништо не бива од држава во која јас сум најдобар!
Има и друг малер. Токму тогаш бев зафатен со менување бајлак на тркалото на точакот и патем си поставував луксузни прашања: Кој е односот помеѓу реалноста и сонот? Дали метафизичката релативизација на човечкото постоење нè доведува до заклучокот дека животот на земјата не е ништо повеќе од илузија? Дали некој е луд само затоа што неговата лудост не се совпаѓа со лудоста на мнозинството?
Дека не сум осамен во мојот духовен аргатлук, сведочи кумот Аљоша Симјановски кој е учесник во еден клучен настан. Кога отишол на гости кај својот пријател Војо, го слушнал неговиот монолог, под строг мониторинг на неговата брачна другарака Лепа. „Аљоша, у оваа куќа Лепа командуе. Што ќе каже Лепа, тоа е. Она пале - она гасе!” И после една значајна пауза, Војо покажал на себе и гласно го поставил најважното прашање на сите времиња: „А со мојава душа кој командуе? Ја командуам! Лепо, донеси раќија!“
Така беше и таа 1967 година кога Ице ја мавна последната комовица на екс, сам во својот двор во Тафталиџе, додека од небесното индиго паѓаше ѕвездена прашина врз густите гроздови на старата лозница и неговата разбушавена тимба. Кој е мојот сон? Да го освојам светот! Не е лесно со такво кротко и скромно име да се освојува овој суров и дрчен свет, но Ице решително отиде на тој тежок и нерамноправен мегдан.
После многу долги години, еден ден го видовме најголемиот и
најблескавиот „кадилак” паркиран во неговото дворче. До него, на едно столче покрај некогашните леи со марулки, магдонос, шимшир, џунџуле и шебој, седеше Ице натоварен со своите калифорниски години.
И додека ние наредени до тарабите гледавме во кадилакот, тој во побожна тишина гледаше во правец сосема непознат за нас и тогашната идеологија. Нашиот Илија (Илчо, Иле, Ице...) за прв пат се сретна со една госпоѓа, која во научните кругови е позната по прекарот „смрт“. „Време е да се помине на посилната страна”, му се обрати на дедо Господ и ја испушти душата која уште долго време ги брануваше овоштарниците во Тафталиџе...
Тогаш од еден друг сон се појави Марта и во истиот миг побеле како крин. Црниот „кадилак” само уште повеќе ги осенчи уморните црти на нејзиното лице. Личеше на графика од Едвард Монк, но со многу повеќе крикови. Се загледа во Мијалче како во споменар и почувствува длабока болка на едно место кое нејзината баба го нарекуваше „лажичка”. После ја жегна и преку слепоочницата, ја штрекна во стомакот, ја прободе во слабината, ја швркна главата, ја пресече бубрегот, ја стегна ‘рбетот... И тогаш срцето ѝ се стркала на тротоарот, но Марта не се помрдна од местото затоа што одамна престана да ги користи неговите услуги.
Во истиот миг, на другата страна на светот, Цанко Курбла срипа од својот кревет, престрашен и жива вода. Никогаш не успеа да дознае како се нашол во туѓ сон и зошто седи во Стокхолм, еве веќе десетици години!
Според легендата, таа далечна пролет ноќта го истурила својот најцрн катран на сите страни, но белото лице на Марта останало недопрено! Тоа е затоа што Марта е лик од една пиеса, а театарот е повистинит и пожив од самиот живот!
Братислав Димитров