“Као Снегуљица, заспала сама са седам будала“
Горан Бреговиќ
“Проблем со џуџињата е што мислат дека тие се главни“, велеше на времето еден мој познаник. Демек, ќе отиде џуџе во кино, ќе го гледа “Снежана и седумте џуџиња“, и уште не ги ни доџвакал пуканките, веќе си вика: “Холивуде, еве ме!“
Зошто?
Само затоа што го има во насловот на филмот: “Снежана и седумте џу-џи-ња“.
Арно ама, насловите се лажлива работа. Пред триесетина години Босна (и Херцеговина) ја имаше на секоја насловна страница на секој можен весник што постои на мапава на светов. А денес истите тие весници Босна (а уште помалку Херцеговина) на мапа не умеат да ја најдат.
Зошто?
Затоа што ние џуџињата не сме главни – ние сме само статисти во приказната. Главна е, се разбира, лошата вештерка. И онаа властољубива ороспија Снежана.
Ајде малце критички да ја разгледаме таа приказна. Еве, на пример, да почнеме со површна анализа на уводниот дел на филмот на Волт Дизни. Вика вака: “Еднаш одамна си живеела една принцеза наречена Снежана. Нејзината горделива и зла маќеа се плашела дека убавината на Снежана ќе ја надмине нејзината. Затоа ја облекла Снежана во партали и ја принудила да работи како слугинка.“
Звучи како приказна за типична женска завист и љубомора. Арно ама, во деталите се крие вештерката.
Прво и прво, уводот апла ни кажува дека малолетната Снежана е принцеза, то ест легитимен престолонаследник. Нејзината маќеа очигледно е регент кој владее сè додека Снежана не стане полнолетна. И сè додека тоа не се случи, таа ја понижува и малтретира оти ѝ се може.
Второ и второ: маќеата се консултира со огледалото да види кој е најубав на светот. Бидејќи во тој дизниевски свет не важи она “не једе хлеб него упоран“. Напротив, једе хлеб. И хлеб владее. И отаму раат си е Кралицата сè додека огледалото не каже дека Снежана е похлеблива. Што значи дека нема више једење за старата кока. Односно, дека “порасоше пилиќи, поједоше кокошке“. Односно дека Снежана може да ја загрози нејзината власт.
И што станало потоа?
Станало свилен гајтан, јој нано нанице. Арно ама, ловџијава што требало да го стегне гајтанот се пишманил заради младоста и убавината на Снежана (толкувајте го ова како сакате). И таа успеала да киниса, те завршила во домот на седумте џуџиња.
Логично прашање: оти баш таму?
Логичен одговор: а каде на друго место?
Каде, по ѓаволите и морските длабочини, да оди претендент на власт прогонуван од постоечкиот режим?
Бидејќи, да не заборавиме, седумте џуџиња живеат во шума до која тешко се доаѓа. И имаат разни пијуци и секири со кои лесно можат да се одбранат. И на крајот на краиштата, не пеат “Хај-хо, хај-хо“ после жетва, туку на враќање од рудник со дијаманти. Што значи дека се полни со кеш ко брод.
Со други зборови, Снежана (како и секој прогонет лидер на опозиција) бара поддршка од оние кои имаат сила да ја заштитат и имаат пари со кои би го финансирале нејзиното доаѓање на власт. Што им ветила за возврат, таа си знае. Исто како Орбан кога се криеше во Македонија. Односно Груевски во Унгарија.
И што биднало потоа?
Кралицата со успешна медиумска пропаганда успева да заличи на сенилна будала ко Џо Бајден. Снежана наседнува, но не умира. А џуџињата ја завршуваат главната работа: ја ликвидираат лошата маќеа и на крај остануваат “сухога курца“ – бидејќи доаѓа принцот и на “лепе очи“ ја лапа принцезава со се цело кралство во мираз. Не једе хлеб? Ма немој? Једе, једе.
И каква врска има сево ова со војната во Украина?
Има врска. Затоа што оваа приказна ја има во сите можни наслови кои велат “Војна во Украина“. И потоа оној ајван Зеленски мисли дека тој е главен само затоа што го има во насловот. А се знае, главен е оној што го нема во насловот. Како да речеме лошата вештерка. И онаа властољубива ороспија Снежана.
И сега сите ќе фатат да толкуваат која е вештерката, а која Снежана во оваа приказна. Дали е тоа Америка, Русија, Кина, Андора или Црна Гора?
Ха, ха.
Уште една шарена лага за џуџињата.
Вистинското прашање е: кој е принцот, бе патуљци?
Аџанак Баџанак