Расчистување со криминал и корупција во земја каде Павлина Црвенковска е претседател на Судскиот совет?

Власта во Велика Британија отвори случај за премиерот Борис Џонсон, кој се сомничи за потрошени 200.000 фунти од неговата Конзервативна партија за реновирање на неговиот стан во Лондон, а власта во Македонија молчи за случаи како овој со Павлина Црвенковска со 7 пати поголема финансиска тежина, со нејзиното едногласно именување за претседател на Судскиот совет, највисокиот орган којшто ја контролира судската власт во земјата.

Економијата и бројот на жители во Велика Британија се неспоредливо поголеми со тие на Македонија, која како држава е на самото дно по економските параметри во Европа. Во такви околности, се прашуваме, какви се моралната и професионална одговорност и интегритет на Павлина Црвенковска да биде воопшто дел од Судскиот совет со проневерени 1.600.000 евра од нејзиниот сопруг према 3.000 покрадени семејства во една од најсиромашните држави во Европа.

 Со каков морал и чест оваа личност ќе одлучува за судиите во земјава со ваква „скриена“ позадина? Како таа ќе се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството, кога има таква позадина? За проневерите на Зоран Црвенковски со неговата фирма објавивме многу порано, но Павлина Црвенковска молчеше и веројатно мислеше дека тоа ќе помине неприметно и ќе се заборави. Тогаш таа не беше ниту член на Судскиот совет, а уште помалку претседател.

Како што и веќе објавивме во многу минати соопштенија до јавноста, позади грабежот на Еуростандард банка постои голема испреплетена криминална мрежа на поединци и фирми кои ги земале нашите лични средства преку кредити без намера и со цел да ги вратат. Затоа и не плаќале со години додека никој не реагирал на тоа. Огромен број на тие кредити немале воопшто или имале несоодветно обезбедување, а голем дел од нив се дадени и само на основа на обични меници.

Зоран Црвенковски, сопругот на Павлина Црвенковска, е дел од таа криминална мрежа и еден од позначајните должници во банката. Освен што „позајмил“ и должи 1.600.000 евра, свесно ја однел неговата фирма должник Екопласт Рисајклинг во стечај. Од друга страна, обезбедувањето за кредитот со проценета вредност од 460.000 евра, сега е всушност амортизирана, стара опрема од фирмата, којашто е практично неупотреблива. Таа е сега „старо железо“ кое лежи под отворено небо и продолжува да се обезвреднува и чијашто моментална вредност е речиси четири пати помала од моментот кога била заложена, а заинтересираноста за купување на таквата опрема практично ја нема.

Историјата на работењето на Зоран Црвенковски покажува и дека тој навистина добро се снаоѓа во ликвидација на фирми. Имено, во октомври 2012 година, Зоран Црвенковски ја ликвидирал и неговата претходна фирма Енерготрејд МТ доо од Скопје. Во оваа фирма, косопственик заедно со Зоран Црвенковски бил и Венко Петровски.

Кој е пак Венко Петровски? Тој е косопственик и управител на фирмата Маријатреид од Велес, којашто сега се јавува како фирма должник кон Еуростандард банка. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма должи околу 325.000 евра и нема платено ниту една рата 377 дена. Како обезбедување на земениот кредит се води единствено обична меница. Во 2019 година, од тогаш кога се води долгот, според билансите, фирмата имала загуби од 1.400.000 евра, долгови над 4.000.000 евра и негативен капитал од 600.000 евра. Задолженост од 118 отсто! Во Управата за јавни приходи фирмата должи и околу 15.000 евра. Ова е само еден од примерите како се делени ненаплатливи кредити на фирми со големи долгови и загуби и со цел да никогаш не се вратат.

Дали Павлина Црвенковска е избрана за член на Судскиот совет и потоа, за кусо време, и за претседател на истиот, за да ги брани интересите на нејзиниот сопруг и слични измамници, меѓу кои и пријатели на Зоран Црвенковски, кои ни го покрадоа целиот наш личен имот во организираниот повеќегодишен грабеж на Еуростандард банка?

Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата во предметот што го отвори да испита што поседува Павлина Црвенковска и дали го прикрива имотот на нејзиното семејство, вклучително и 1.600.000 евра, коишто нејзиниот сопруг преку неговата фирма ги „позајмил“, но не ги вратил. Во нејзиниот јавно достапен анкетен лист (види на овој линк) се води само станбен простор од 20 метри квадратни стекнат со наследство. Се сомневаме дека таа и нејзиниот сопруг го имаат препишано добар дел од имотот на нивни блиски лица. Во анкетниот лист има наведено личен имот, заедно со имотот на нејзиниот сопруг, во вкупна вредност од околу 65.000 евра, но без да го наведе и сопствеништвото на сопругот од 40 отсто удел во фирмата Екопласт Рисајклинг. Сегашната тековна состојба од Централниот регистар (види овде) покажува дека фирмата има активен стечај, каде Зоран Црвенковски е основач и косопственик. Дали со непријавување на овие податоци во анкетниот лист, Павлина Црвенковска имала намера да ја сокрие и трагата на украдените пари од нејзиниот сопруг од нас ограбените физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка?.Се прашуваме, освен ова дали има и нешто друго што Павлина Црвенковска случајно „заборавила“ да го пријави во анкетниот лист. Тоа ќе го оставиме на Државната комисија за спречување на корупцијата да детално го провери, испита и објави.

Од сите факти досега изложени, Павлина Црвенковска не е достојна за вршење на новата доделена висока функција. Бараме ОСТАВКА на Павлина Црвенковска ВЕДНАШ. Останатото ќе го кажат судовите, преку транспарентен судски процес за нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски и слични сопственици на фирми должници кон Еуростандард банка, но без скриени интервенции и ургенции од Павлина Црвенковска. Од неа очекуваме да јавно одговори кога нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски ќе ги врати нашите украдени лични средства.

Вистината и правдата мора да победат. Продолжуваме понатаму!

Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард банка

 

3 мај 2021 - 11:15