Поминете кај елките во Сити мол

Убава е таа идеја за новогодишна елка. Наша, ја китиме за нас и најблиските, под неа оставаме подароци за оние кои најмногу им се радуваат. Уште поубаво е кога ќе се сетиш дека постојат и други елки и подароци, на кои ќе им се радуваат некои кои поретко имаат прилики да го прават тоа. 

Денеска кај нас на работа беа мајката Бранкица и малата Стефанија, две хероини од четиричленото семејство Илиевски од Скопје на кои им ги дадовме подароците од Трендоленд, за да имаат мали радости и за самата Нова година, пред завршувањето на акцијата која трае до 4-ти јануари. 

Ние одбравме чизмички, јакнички и друга облека, играчки, пелени, кашички, боенки, пакетчиња и други работи кои мислевме дека ќе им дојдат добро на двете дечиња, петгодишната Стефанија и нејзиното двегодишно братче кое е неподвижно.

Одберете нешто и вие за нив и оставете под нашата елка која се наоѓа во трговскиот центар Сити мол (во ходникот, од страната на штандовите за храна), во редот со 12 елки на исто толку медиуми кои учествуваат во хуманата акција за собирање подароци за деца од социјално загрозени семејства.

Тоа можете да го направите до 4-ти јануари, кога ќе ги посетиме и ќе им ги однесеме и вашите подароци. На штандот до елките има волонтери кои можат да ви помогнат и да ги преземат подароците во текот на целиот работен ден.

Досегашниот одѕив бескрајно нè радува. Поминете.

Ви благодариме за секоја добрина,
екипата на Трендоленд

 

18 декември 2017 - 15:39