Вакцините биле единднствениот начин за сопирање на преносот (?!), за спречување на тешка форма на болеста и немале намера да воведуваат рестриктивни мерки. Сè уште се прилично храбри, значи се одлучиле да одат на 1.500-2.000 нови случаи на ден, преку 20.000 активни случаи и полнење на болниците до лимитот од 1.800 постели. Откако ќе се уверат дека така не оди работата, тогаш можеби ќе се одлучат за рестриктивни мерки.
Повторно се решени да жртвуваат 1.000-2.000 животи, само за да се продолжи со свадбите, кафеаните и ноќните клубови. Секој е со својата памет, ама ако после сé што видовме сé некој мисли дека ова е некаква играчка, тогаш нека му биде.
Со ваква страотна преносливост бројките многу бргу растат, во просек на 4 дена се дуплираат дневните броеви на нови случаи. Една недела подоцна, 11% од тие броеви се претвораат во броеви на хоспитализирани, а од хоспитализираните по уште една недела една третина се претвораат во броеви на починати. Па, на кого му е до свадби и веселби, само нека продолжи. Нека продолжи и да верува и дека „вакцинацијата е единствен начин да го спречиме ширењето на епидемијата“ и дека одржувањето на растојание и невлегувањето во затворени простории се обични глупости. Но, за ова голема вина сносат самите здравствени власти, коишто не им кажуваат на луѓето дека тоа што кафеаните се отворени, не значи дека се и безбедни. Многумина ќе научат, но за жал предоцна.
Решенијата на диференцијалните равенки на динамиката на епидемијата (бледите линии на дијаграмот) предвидуваат стрм пораст на вкупниот број на случаи и бројот на активни случаи.
За жал, ни стапката на леталитет не се намалува, па дури е прилично повисока од досегашниот просек од 3,52%.
Не помага ни големиот број на тестирања за негово намалување. Со моменталниот раст на бројот на нови случаи, дури и со една оптимистичка проектирана стапка на леталитет од 3%, моделот предвидува дневниот број на починати да надмине 10 веќе за две недели (црвените прачки на дијаграмот на сликата). Моментално седумдневниот просек веќе изнесува двајца починати дневно истиот ќе продолжи да расте.
Што да се каже на крај, освен уште еднаш да констатираме дека - секој останува со својата памет.