Лоши вести од Велика Британија. За само еден месец индискиот сој на вирусот B.1.517 (SARS Cov2 Delta) станал доминантен и практично сосема го истиснал британскиот сој B.1.1.7 од територијата на Велика Британија, која инаку е европски рекордер според стапката на вакцинираност.
После оваа вест, прашање на време е кога индискиот сој ќе пристигне и ќе се рашири низ Македонија. Ќе видиме дали летните температури и забавеното ширење на вирусите кај нас ќе помогнат и против индискиот сој, но занемарливиот степен на вакцинираност и ширум отворените граници не носат ништо добро.
Инаку, ги повторив пресметките за степенот на прележаност на ковид-19 кај населението на Македонија, со земање предвид на загубата антителен одговор (хуморалниот имунитет) со текот на времето. Според пресметките, досегашната вкупна прележаност е проценета на 29,8% (со 95% интервал на доверба помеѓу 23,9% и 35,7%), што е премалку за постигнување колективен имунитет од прележување. Моменталното згаснување на епидемијата најверојатно се должи на летните температури или завршениот процес на заразување помеѓу лица во чести контакти (на пример соработници од работните места, сопатници во фабричките автобуси, роднини и пријатели), па сега ќе продолжи само преку случајни контакти.
Од нас зависи каков тек ќе фати епидемијата на есен. Ако преовлада разумот и се вакцинираат барем 1,1 милион жители, можеме сосема да спречиме нов бран. Доколку продолжиме со слабото темпо на вакцинирање (коешто веројатно дополнително ќе забави во текот на летните месеци, како и поради опуштањето на населението по завршувањето на пролетниот бран), есенски бран е многу веројатен, најверојатно со двојно помал интензитет отколку во пролетниот бран.
Во секој случај, без вакцинација ништо не е готово, дури и ако сите досега прележани (споменатите 23,9% - 35,7%) развијат траен, клеточен имунитет и тој биде подеднакво ефикасен како антителниот.
**********
Бонус споредба:
Кога сиромавио се фати на оро, се скина тапано...
Види и:
Откако виделе дека нема многу фајде ни по две дози кинески вакцини (имале слаба имуногеничност, т.е. предизвикувале слаб имунулошки одговор), во Бахреин на сите вакцинирани ќе им давале трета доза - ама од вакцината на Фајзер.
Бахреин, инаку, моментално поминува низ досега невидено силен епидемиски бран и покрај вакцинираноста на преку 50% од населението со две дози Синофарм вакцини. Ова претставува еквивалент на повеќе од 900.000 вакцинирани со по две дози во Македонија.