Доколку повнимателно го согледате написот во Политико и начинот на кој е формулиран, заклучокот е дека "некој" сакал да и стави крај на игранката и цензурата во Скопје околу ставот на двоецот Заев - Пендаровски за Договорот со Бугарија. Веста не е поврзана со тоа кој е ставот на Софија, кој е конзистенен и немелив, туку за пристапот од Скопје и државното раководство. Се разбира, информацијата е пуштена на истиот ден кога нашиот Национален Совет за Безбедност се собра да донесе битна државна одлука за носење маски, а Заев и Пендаровски се нацртаа пред микрофони "изненаѓени и увреѓени". Сепак, попрво би рекол дека не беа ниту изненаѓени, ниту увреѓени колку што се пишман-аџии за сопствените претходни изјави (и ветувања?).
Веста на Политико исто така ја разјаснува позадината на инстант-хистеријата за наводното барање за Нов Договор од страна на Софија преку Бујар Османи. Од оваа временска дистанца гледано, реална е дилемата дали всушност станува збор за обратното - дека Заев и Пендаровски ја фингираа измеслената понуда со цел да се искамчи дебата за Нов Договор преку кој ќе си ги покријат стапките и постапките, а притоа вината се префрли на неразбраните Бугари и клетите Интегристи аналфабети.
Сосема на крај, деконспирацијата на нашиот пристап ја објаснува и причината за тврдокорното одбивање од страна на СДСМ (со согласност на ВМРО) за Парламентарна (институционална) дебата околу спорот. Дали Мицкоски знае за пристапот на Заев и дали во одреден период дал подршка за неговата понуда? Се додека лидерот на ВМРО тапка и танцува со јаки изјави и одбивање да темата се префрли во Собрание, тој сомнеж е легитимен.
Шемата на изместување на институциите со политички манипулации не може да трае вечно. Бидејќи на крај, повторно ќе се најде некој Политико напис со кој на јавноста ќе и се објасни она што Скопје го крие од сопствените граѓани. А судејќи според односот на Заев и Пендаровски, како и нивната социална дистанца на која се изложени од страна на меѓународната, не би исклучил дека има доволно мотиви за такви написи. Дечките, очигледно, малку се занеле во своите игри, па сега ќе бидат атерирани во реалноста.
Но повторно, најбитното во сета оваа ситуација е дефинирана во воведот: каков и да е ставот на Соофија, тој е несомнено конзистентен, институционален, транспарентен и меѓународно легитимен. Непознаницата од наша страна е следната: какво било ветувањето, каков е пишманот сегашен и каков ќе биде спасот на Заев и Пендаровски?
На крај, да потсетам на времето кога Груевски бегаше од Филип Гордон, криејќи се низ Балкани.
Заев и Пендаровски сега бегаат од себе.
Иако се веќе фатени.