Поканети сте на промоцијата на новата книга на Тихомир Јанчовски, „Влакно на јазикот“.
Промотор е Душко Крстевски
Водител е Ѓоко Здравески
Стихови ќе читаат: промоторот, водителот, авторот, Ненад Јолдески, Митко Гогов и Владимир Лукаш. И други.
Промоцијата ќе ја отвори Сања Пановска Миланова, со нејзиниот хор од 30 души.
Од предговорот на авторот:
Речиси сѐ останато во книгата е напишано во Скопје. Мојот град. Таму сум роден, таму живеам, не знам дали таму и ќе завршам, но сѐ што му се случува нему ме допира и мене. Сакал-не сакал, така е. 43 години живеам на Ленинова 65. Скопските лета и зими, скопските улици и згради, контејнерите и излозите, скопскиот шарм и смрдеа, скопските луѓе и изроди... се фонот врз кој се развива сета рефлексивност на напишаното.
Душко Крстевски:
„Оваа збирка е без „влакна на јазикот“, како и самиот нејзин автор кој во повеќе наврати не заборава да нè потсети дека е „тумрук човек“. Тихомир Јанчовски веќе дваесет години одвреме-навреме објавува песни и ни мава шамари наместо “reality check”, за да не заборавиме да си простиме, да се цениме и да си помагаме. Затоа што и поезијата не е убава ако е пренакитена со метафори и симболи. Убава е ако умее да нè коригира, да нè дополни, да ни биде протеза за тоа што го немаме.“
Оливера Ќорвезироска:
„Истата онаа раска во окото што нѐ глочка додека ја читаме поезијата на Тихомир Јанчовски, еве ја престорена во „Влакно на јазикот“ што нѐ скокотка да (не) го кажеме или да (не) го премолчиме грдиот, непоетичен свет околу нас. Оддалечувајќи се од вообичаените поетски практики, Јанчовски само се приближува до сопствената поетска особеност и овој растојаниски парадокс станува сѐ појасен и понепобитен факт со секоја негова нова книга. Мошне трезна и мошне будна поезија за сето пијанство на нашево заспано време.“
Од она внатре:
Страст за револуција
И мене, како и сите,
деновиве ме фаќа
страст за револуција
желба да го оправам
светот на поарно...
И јас, како и сите,
во таа желба забегувам
се губам себеси и
станувам некој друг
непознат човек
што себеси се гледа
како добар и се бори
со замислен противник.
Среќа што сум постар
сега знам по нешто
и сосема ми е јасно
дека нема добра толпа
иако скоро секој што не е
безнадежно расипан
има добра намера.
Пат до пеколот.
Лошо е поплочен.
Чудни пориви се будат
кога човек е опкружен
со многу народ што вика
и мал е чекорот до
посакувањето туѓа несреќа,
да не спомнувам полоши работи.
Среќа што сум постар, велам,
и сум сфатил дека
патот на мнозината не е
патот на вистината.
Ни бил, ни ќе биде.
21 април 2016
Убавите жени се убави...
Убавите жени се убави
цртите на лицата
слабините и облините на телата
им се распоредени
токму како што треба
и тоа ги прави обични
или поскоро - обично убави
Најубавите жени
имаат нешто грдо во себе
некоја неправилност
што ја истакнува убавината
на сѐ останато
и тоа ги прави посебни
*****
Промоцијата ќе се одржи во четврток, 26 април, во клубот МКЦ.
Почеток: 21 часот
Специјални гости - нема, сите сте посебни на некој начин.